Вицепремиерите Анѓушев и Дончев од бизнис форумот „Македонија-Бугарија 2019“

На првиот бизнис форум „Македонија-Бугарија 2019“, заклучоците на официјалните лица на двете земји е дека по потпишувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, меѓусебната трговска размена помеѓу двете земји е интензивирана, како и дека има потенцијали за уште подобра економска соработка.

Форумот е организиран на иницијатива на заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за економски прашања Кочо Анѓушев, и на потпретседателот на Советот на Министри на Република Бугарија, Томислав Дончев, а целта е проширување на стопанските перспективи во двете земји.

Вицепремиерот Анѓушев истакна дека со организирање на овој форум се прави вториот конкретен чекор кон охрабрување на стопанството да соработува повеќе и да има економски раст и просперитет во двете држави. Првиот чекор беше постигнување политичка стабилност овозможен со потпишувањето на Договорот за пријателство со Република Бугарија.

„По потпишувањето на Договорот за пријателство, добрососедство  и соработка, бројките покажуваат нагорен тренд и раст. Во 2018 година трговската размена на двете земји во првите 10 месеци, достигна 695,2 милиони долари, или раст од 16,95% во споредба со истиот период во 2017 година. Исто така, карактеристична и важна е бројката на бугарски граѓани кои ја посетиле Македонија, во 2017 година таа изнесува 17 000, а во 2018 година достигнува 47 000 лица, што е енормно голем раст. Овие податоци ни даваат право да се надеваме и да очекуваме дека овде има уште поголем потенцијал, капацитет и тенденција за раст. Но уште поважно е дека ова не се еднострани бројки, не се индикатори за трговската размена само во еден правец, туку се одвиваат во двете насоки. Извозот и увозот почнаа да растат истовремено. Тоа значи дека двете економии почнале поинтензивно да соработуваат. Улогата на владите во засилување на економската размена е обезбедување услови за поинтензивна економска соработка, а точно тоа и го правиме“, изјави Анѓушев.

Потпретседателот на Советот на Министри на Република Бугарија, Томислав Дончев кој ја предводеше делегацијата ја истакна улогата на државата и институциите, а зборуваше и за можностите за поголема стопанска размена.

„Државата и институции на системот треба да помагаат како во конкретниот случај со граничната контрола, предлог за кој многу е дискутирано и анализирано. Имаме искуство, сме го правеле тоа, се дозволува според европското законодавство и овозможува слободно движење на луѓето. Токму во тоа е поврзаноста. И затоа, се што зависи од нас, од бугарска страна ќе биде исполнето. Големата тема е железницата. Патните врски на територија на Бугарија во голем дел се подготвени. Во моментов се проектира и се ангажираме во 2021 година да можеме да градиме. Но, не треба да се зборува само за патишта и железница, туку и за енергетска поврзаност, за дигиталната поврзаноста, за комуникациска поврзаност. Се сложивме дека тоа е сектор со голем потенцијал за заедничка соработка. Колку сме повеќе поврзани, толку тоа е подобро за економијата во целост на двете земји. Јас сум апсолутно сигурен дека тоа можеме да го постигнеме заеднички“, потенцираше Дончев.

Заменик министерот за економија, Кире Наумов, го најави првиот состанок на мешовитата комисија за соработка.

„Овој форум е влез и почеток на тоа што ќе следи, а тоа дека во втората недела на март ќе бидеме домаќини на првата мешовита комисија за соработка со Република Бугарија. А точно од овде, од овој форум ќе произлезат идеи за надминување, рушење и отстранување на сите можни бариери кои стојат на патот на поголемата соработка. Тоа ќе биде меѓуресорска соработка од повеќе министерства, на сите полиња, а пред се на економското“, кажа Наумов.

Заменик министерот за економија на Република Бугарија, Александар Манолев, ги изнесе поединостите што се спроведуваат од страна на соседна Бугарија за полесна стопанска размена и за влез на бугарски компании во Македонија.

„Ние како држава сакаме да помогнеме за што повеќе бугарски компании да дојдат тука во Македонија и затоа отвораме служба за трговско – економски прашања којашто ќе биде на располагање на бугарските компании коишто сакаат да стартуваат тука, на овој пазар. Тоа ќе биде уште еден важен инструмент за зголемување на економските контакти. Нашите влади направија многу за продлабочување на контактите на секое ниво и верувам дека тоа ќе се одрази и на економско ниво, а тоа посебно е евидентно по потпишувањето на Договорот за добрососедство“, истакна Манолев.

Во рамките на бизнис форумот, над 120 компании од Република Македонија и Република Бугарија остварија меѓусебни контакти, со цел разгледување на можностите за меѓусебна соработка и проширување на бизнис портфолиото на компаниите.