Во тек се интензивни консултации после заклучоците на Европскиот совет

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев во текот на денот спроведува интензивни консултации на различни нивоа, имајќи ги предвид заклучоците донесени на Европскиот совет со кои се одложува носењето одлука за почеток на преговорите за членство на Северна Македонија со Европската Унија. Низ текот на консултациите, одлуките се носат исклучиво согласно највисоките интереси на државата и на граѓаните. Штом бидат донесени какви било конечни одлуки, истите веднаш ќе бидат изнесени пред јавноста.

Во текот на денешниот ден премиерот Заев оствари комуникација и со првите луѓе на владите на Германија, Шведска, Бугарија, Словенија, Малта и со други европски лидери, вклучително и со еврокомесарот Хан.

Од сите европски лидери стигна јасна порака со поддршка, за Северна Македонија и граѓаните да продолжат по патот на реформите и интеграциите.

Европските лидери оддадоа јасно признание и потврда за сите чекори кои ги презеде Северна Македонија и потенцираа дека земјата и граѓаните беа целосно подготвени за почеток на преговорите, но дека неколку земји на ЕУ не биле подготвени за тоа.