Заев: Национална стратегија за развој на концептот за едно општество е за да градиме држава во која различните заедници ќе соработуваат, ќе се надополнуваат и меѓусебно ќе се збогатуваат

Во организација на Владата на Република Македонија денеска се одржа Отворен ден за Консултација за изработката на Национална стратегија за развој на концептот за едно општество и интеркултурализам во Република Македонија, кој предизвика голем интерес и на кој учествуваа повеќе од стотина претставници на граѓанските организации од целата земја.

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, кој заедно со министерката за правда Рената Дескоска, зеде учество на отворениот ден со граѓанските организации за изработка на Националната стратегија за развој на концептот за едно општество и интеркултурализам, истакна дека различностите на нашето општество се наша предност и наше заедничко богатство, и дека од исклучителна важност е Стратегијата да биде жив инструмент за превенција од опасноста од доминација на една етноцентрична култура. 

„Тоа не е моделот кон кој се стреми нашата земја. Моделот на Република Македонија започнува со почитувањето на сите заедници. Тој модел повикува да градиме држава во која различните заедници ќе соработуваат, ќе се надополнуваат и меѓусебно ќе се збогатуваат“, нагласи претседателот на Владата на РМ Заев.

Премиерот Заев истакна дека треба да ги паметиме, но никогаш да не им дозволиме да се вратат на сцена политиките на поделби и предизвикување конфликти, туку толеранцијата и солидарноста во концептот „Едно општество за сите“, што е заедничка вредност за сите граѓани на Македонија. 

„Дозволете ми да изразам едно многу лично чувство: Мене лично, како на Зоран Заев, едноставно ми е несфатливо како во нашата заедница ни се протнаа злосторствата од омраза. Таквите појави не ѝ доликуваат на нашата земја, на едно демократско општество и треба да направиме сè тие инциденти да бидат изложени на јавност и осудени“, потенцираше премиерот Заев, кој додаде дека треба да направиме сè што можеме за да ја запреме омразата. 

Токму затоа, истакна премиерот Заев, отворениот ден за консултација за изработка на Националната стратегија за развој на концептот за едно општество е добра прилика граѓаните, претставниците на заедниците и политичарите, кои меѓусебно си ги разбрале и прифатиле разликите, да се посветат на заедничките цели и да бидат носители на заедничкото Едно општество за сите.

„Процесот на консултација за изработка на Националната стратегија за едно општество го најавува духот во кој ќе се исцрта стратегијата. Низ максимално отворена и широко инклузивна постапка упатуваме покана за учество на претставници на граѓанското општество и на сите останати кои сметаат дека можат да го дадат својот драгоцен придонес во седумте тематски кластери за подготовка на стратегијата: правна рамка; образование; култура; медиуми; локалната самоуправа; младински политики; и во сферата на општествената кохезија и интеграција“, рече премиерот Заев и нагласи дека Република Македонија докажа дека има политичка и општествена волја да биде модел за успешно и функционално општество еднакво за сите.

Вклучувајќи се во дебатата, министерката за правда Рената Дескоска истакна дека целта на Национална стратегија за развој на концептот за едно општество и интеркултурализам во Република Македонија, е да го претвори идентитетот, со сите свои особености, во лост за соработка и заедништво кој потоа ќе биде во функција на заедничката определба – нашата држава да се развива согласно интересите на граѓаните.

Во воведната сесија на денешниот Отворен ден за Консултација за изработката на Национална стратегија за развој на концептот за едно општество и интеркултурализам свое учество имаше и Рубин Земон, советник на премиерот за развој на мултикултурното општество, кој информираше за текот и постапката на креирање на стратегијата, како и за наредните чекори што ќе бидат преземени во таа насока.

Во завршницата на денешниот настан, на кој со свои сугестии учествуваа голем број претставници на граѓанските организации, помеѓу бројните дискутанти од присутните, се разговараше за концептот на Едно општество и како тој е нов чекор во надминување на досегашните пракси на креирање на јазови помеѓу различните групи. Предлози од граѓанските организации стигнаа за самите термини и дефиниции кои би се користеле за овој концепт, а би биле за широка едукација на граѓаните. Родовите и малите не мнозински маргинализирани групи беа адресирани преку претставници на граѓански организации кои работат на соодветната тематика и воедно имаа предвидени иницијативи кои би ги вклучиле во Националната стратегија. 

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, се заблагодари за покажаниот нагласен интерес за учество во креирањето на стратегијата, кој го оцени како суштински бидејќи доаѓа од организации и од нивните претставници кои имаат непосредно искуство кое доаѓа од долгогодишниот контакт со животот и реалноста на нашите сограѓани од сите заедници.


Обраќање на премиерот Заев на настанот, ви го пренесуваме во целост:

„Со настанот на кој денеска учествуваме сите ние „Отворен ден за Консултација за изработка на Националната стратегија за развој на концептот за едно општество и интеркултурализам во Република Македонија“ правиме уште еден заеднички чекор на најдобар можен начин да ја промовираме и практикуваме нашата стратешка определба за изградба на концептот „Едно општество за сите“, по углед на големата европска идеја – Обединети во различностите.

Нашата определба да градиме и негуваме општество еднакво за сите, нашата цел да изградиме граѓанско општество, истовремено со почит кон социјалните, етничките, националните, верските и културните разлики – токму оваа цел е посебноста и суштината на нашето заедништво. Тоа заедништво што се градеше со векови, за нас претставува обврска за нашата заедничка иднина.

Затоа со право се залагаме и велиме дека различностите на нашето општество ги сметаме за наша предност. За наше заедничко богатство. За наша видлива предност.

Креирањето на Националната стратегија за развој на концептот за Едно општество и интеркултурализам е дел од еднакво важните останати приоритети на Владата. Но тоа не е – најважно.

Многу поважно е таа Стратегија да ја направиме жив инструмент за превенција од доминација на етноцентрична култура. Изолирана, самодоволна и само задоволна меѓу четирите ѕида на сопствената етничка припадност.
Тоа не е моделот кон кој се стреми нашата земја. Моделот на Република Македонија започнува со почитувањето на сите заедници.

Тој модел повикува да градиме држава во која различните заедници ќе соработуваат, ќе се надополнуваат и меѓусебно ќе се збогатуваат.

Нашата намера е да ги паметиме, но никогаш да не им дозволиме да се вратат на сцена политиките на поделби и предизвикување конфликти кои луѓето ги поделија на „наши“ и „ваши“. Нека останат само во сеќавањата, за никогаш да не се повторат. Да не заборавиме дека нетрпеливоста кон разните општествени малцински или маргинализирани групи, како кон припадниците на ЛГБТ популацијата или кон верските определби на нашите граѓани, предизвика дури и изблици на групно и поединечно насилство кон нив од екстремни групи и поединци.

Толеранцијата е најважниот услов за демократски односи меѓу различните социјални и општествени групи. Во концептот „Едно општество за сите“ толеранцијата и солидарноста се нашата заедничка вредност.

Тоа е добра, одлична појдовна точка за да им се стави крај на нетрпеливоста, омраза, на тепачките по училиштата, на улиците или стадионите.

Дозволете ми да изразам едно многу лично чувство: Мене лично, како на Зоран Заев, едноставно ми е несфатливо како во нашата заедница ни се протнаа злосторствата од омраза.

Таквите појави не ѝ доликуваат на нашата земја, на едно демократско општество, и треба да направиме сè тие инциденти да бидат изложени на јавност и осудени. И во меѓувреме, да направиме сѐ што можеме, да ја запреме омразата. Да застанеме на патот на оние кои сеат омраза и да не влегуваме во тој ланец на злото. Наместо тоа, да се слушаме. Зашто само ако се слушнеме ќе успееме да се разбереме.

Преминувањето преку разликите значи подготвеност да се чуе и разбере туѓото мислење.

И кога тоа е рационално, да се прифати различното мислење како еднакво па дури и како повеќе вредно од сопственото. Граѓани, заедници и политичари кои меѓусебно си ги разбрале разликите, си ги прифатиле меѓусебно и ги оставиле на страна за да се посветат на заедничките цели, можат да бидат носители на заедничкото Едно општество за сите – јас знам дека токму тоа сте вие, но верувам дека тоа може да биде секој човек, секој граѓанин кој верува во европската идеја и во европската шанса за Македонија.

Процесот на консултација за изработката на Националната стратегија за едно општество го најавува духот во кој ќе се исцрта стратегијата. Низ максимално отворена и широко инклузивна постапка упатуваме покана за учество на претставници на граѓанското општество и на сите останати кои сметаат дека можат да го дадат својот драгоцен придонес во седумте тематски кластери за подготовка на стратегијата: правната рамка; во образованието; во културата; во медиумите; во локалната самоуправа; во младинските политики; и во сферата на општествената кохезија и интеграција.

Една од мисиите на Стратегијата секако е да ја негуваме визијата за нашата земја како граѓанска држава на Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци и на сите други заедници. Секој од нас индивидуално и секој од нас како дел од заедницата на која ѝ припаѓаме, да учествуваме во градењето на мултикултурно општество, да ја поттикнуваме интеркултурната комуникација и да го негуваме духот на почитување на различноста и културниот плурализам.

Кога зборуваме за „Едно општество за сите“, зборуваме и за намалување на социјалните и економските разлики помеѓу заедниците преку проекти кои создаваат еднакви услови за сите.

Зборуваме за крај на поделбите помеѓу различните општествени социјални групи и за внатрешна стабилност на земјата и добри односи помеѓу заедниците.

Ако Република Македонија докажа дека имаме политичка и општествена волја за решавање спорови, тогаш можеме да покажеме дека умееме да бидеме модел и за успешно и функционално општество еднакво за сите.
Тој модел е урнек на нашата заедничка иднина и започнува со почитувањето на сите заедници во која различните култури ќе се почитуваат, ќе соработуваат, ќе се надополнуваат и меѓусебно ќе се збогатуваат.

Благодарам и на сите ви посакувам успешна работа и соработка на подготовката на Националната стратегија за развој на концептот за едно општество и интеркултурализам во Република Македонија.“