Обраќање на онлајн меѓународна конференција за европски интеграции: „Климатски промени – предизвици и градење отпорност“

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски денеска онлајн се обрати на јубилејната, меѓународна конференција за европски интеграции, годинава на тема  „Климатски промени: предизвици и градење отпорност“, којашто ја организира на Универзитетот Американ Колеџ во Скопје.

Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на претседателот Пендаровски.

„Не само како претседател туку, пред сè, како ваш академски колега, чест ми е да се обратам на јубилејната „Годишна меѓународна конференција за европски интеграции на УАКС“.

Оваа онлајн конференција се одржува во време на глобалната пандемија на Ковид-19, која јас мислам не само што не треба да нè дефокусира од адресирањето на климатските промени, туку може да ни даде и нова перспектива за согледување на ова прашање.

Пандемијата доведе до забавување, некаде и до целосно запирање на индустријата, на производството, на транспортот во многу земји во светот. Краткорочно, тоа има позитивен ефект врз животната средина. „Оксфорд аналитика“ проценува, на пример, дека „емисиите на јаглероден диоксид значително ќе се намалат во 2020 како резултат на продолжениот прекин на многу економски активности“. Сателитите на НАСА и на Европската вселенска агенција потврдија дека само во случајот со Народна Република Кина, нивото на нитроген диоксид е намален за 40%.

Овие податоци недвосмислено потврдуваат две нешта. Прво, дека човекот е одговорен за емисијата на јаглероден диоксид во атмосферата. И второ, дека природата сè уште може за релативно кратко време да врати дел од нарушениот баланс. Се разбира, доколку тоа ние ѝ го дозволиме.

Меѓутоа, многу експерти со право предупредуваат дека е прерано за славење. Светот допрва ќе се соочи со економска криза во која многу влади и компании ќе прават компромиси на сметка на еколошката и климатската агенда. И Светскиот економски форум во својот извештај од април оваа година потврдува дека иако многумина во пандемијата препознаваат можност за решителни чекори во преструктурирање на економиите, индустриите, технологијата, воопшто начинот на живот, во согласност со принципите на одржливиот развој, сепак, сепак приоритет ќе им се даде на бизнисот и на работните места. Тоа значи дека за многу кратко време, за жал, ќе го вратиме дисбалансот.

Познатата канадска активистка Наоми Клајн со право забележува дека  доминантниот економски систем и системот на планетата Земја се во конфликт. За да не колабира кревкиот климатски баланс, неопходно е да се смали користењето на ресурсите. Но, за да не колабира доминантниот економски модел, неопходно е да се продолжи со економската експанзија. Само еден од овие два закона може да се промени, а на долг рок тоа нема да бидат природните закони.

Сè додека фосилните горива се срцето на глобалниот енергетски систем, ние ќе имаме неодржлив економски модел на раст и развој. Затоа, нашиот економски и техничко-технолошки развој мора да стане климатски неутрален. За остварување на таа задача немаме многу време на располагање, а од нашиот успех ќе зависи иднината на нашата планета, а се разбира, со тоа и квалитетот на живот на генерациите кои доаѓаат. Треба да се фокусираме на развој и на поддршка на иновативни еколошки пристапи, одржливи развојни стратегии и да ги користиме новите технологии за климатска акција.

Почитувани,

Науката, технологијата, иновациите се многу важен дел од решението, но не се целото решение. Ако се надеваме дека новата технологија ќе ни овозможи да продолжиме со нашите стари навики, тогаш само ќе ја влошиме состојбата. За да изградиме отпорност кон последиците од климатските промени, освен одржлива технологија, неопходни ни се и одржливи навики. А навиките се стекнуваат и се шират преку образованието. Меѓународните договори и конвенции за одржлив развој и климатска акција, вклучително и Целите за одржлив развој 2030 на Обединетите нации и Парискиот климатски договор нагласуваат една иста работа. А тоа е дека интегрираното еколошко образование е неопходно за да се подигне општествената свест и да се формираат одржливи навики.

Но, ако сака вистински да изгради одржливи навики, образованието мора да  промовира етика на одржливост. А таквата климатска етика, да ја наречеме, не може да се сведе само на научни сознанија и на технолошки решенија. Мора да ја разбудиме и индивидуалната и колективна свест и совест за општото добро. Тоа бара холистички пристап, се разбира. Еве неколку елементи според мене од тој пристап.

Прво, потребна е синергија меѓу природните и општествените науки. Климатските промени не се само физички феномен. Со нашиот модел на развој, ние ги поттикнуваме климатските промени. Затоа, како хибриден, физичко-културолошки феномен, климатските промени треба да бидат адресирани не само од екологисти и од економисти, туку и од социолози, антрополози, етичари, филозофи… Само со интердисциплинарен пристап ќе развиеме климатска етика што ќе ни помогне правилно да го разбереме нашиот однос кон планетата, кон луѓето и кон иднината.

Второ, потребна е солидарност во општеството. Во секоја држава, вклучително и кај нас, климатската акција треба да опфати што повеќе сегменти од општеството. Затоа и јас ја поддржав платформата „Не игнорирај, реагирај“ која обединува експерти од различни области, граѓански активисти, екологисти, креатори на јавно мислење, медиуми, поединци, со цел да се изложат проблемите со кои се соочуваме како заедница; да се насочат прашањата кон соодветните институции; и да се провоцираат решенија за подобра животна средина и квалитет на живеење.

Трето, неопходна е солидарност меѓу државите. Климатските промени, јасно е, се предизвик што ги надминува капацитетите на секоја поединечна држава. Ние го потпишавме и го ратификувавме Договорот од Париз за климатските промени. Според т.н. Green Deal на Европската комисија, тие се обврзаа, а ние сакаме да бидеме членки таму, да ја направат Европа првиот климатски неутрален континент до 2050 година. А, за време на мојата официјална посета на Австрија, минатата година, ја поддржав климатската иницијатива на австрискиот претседател Ван дер Белен.

Четврто, неопходна е трансгенерациска солидарност. Нашата генерација мора да се откаже од дел од удопствата во животот за наредните генерации да можат воопшто да живеат. Кога одлучуваме за нашите политики поврзани со климатските промени, ние мора да размислуваме што е добро за оваа генерација, но секако и за наредните неколку генерации.

Тоа е голем предизвик реално кажано за политиката каква што ја знаеме. Политичарите и владите не секогаш се подготвени да застанат зад непопуларни политики чии позитивни резултати ќе бидат почувствувани на долг рок, кога некој друг ќе биде на власт. Но, климатските промени и загадувањето не можат да бидат дневнополитички прашања.

Затоа, како претседател предложив да се зафатиме со носење натпартиска државна стратегија за ублажување на негативните ефекти од оваа појава. Ја поддржав заложбата на граѓанскиот сектор да имаме поголем државен буџет за заштита на животната средина со цел да се приближиме кон просекот на земјите членки на ЕУ. Исто така, иако беше во завршна фаза, пред да ја потпишам ја вратив во процедура Стратегијата за одбрана за да ја дополниме со посебен дел за мерки и активности поврзани со еколошката безбедност.

Во декември, минатата година, свикав седница на Советот за безбедност на која за првпат се дискутираше за аерозагадувањето и за заштитата на животната средина. На таа седница учествуваа и претставници на граѓанските организации кои имаа можност директно со членовите на Советот да разговараат за оваа важна тема и да предложат мерки за поголема заштита на животната околина и за справување со загадувањето.

Верувам дека со општествена, со политичка и со меѓународна солидарност ќе успееме да промениме дел од нашите животни, производствени и потрошувачки навики за да можеме да намалиме барем дел од причините за климатските промени.

Затоа, дозволете ми, на крајот да ја поздравам оваа конференција на која ќе се дискутира за постоечките ризици во оваа сфера и за решенијата за ублажување на негативните последици од климатските промени“.