Премиерот Заев за 16 годишниот јубилеј на Централниот регистар на Република Македонија

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев денеска присуствуваше на настан посветен на 16-та годишнина од работа на Централниот регистар на Република Македонија на кој се потпиша Договорот за формирање на управувачко тело на Регионалниот Регистарски портал, помеѓу Агенцијата за деловни регистри на Република Србија и Централниот Регистар на Република Македонија. На настанот се обратија Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, Директорката на Централниот Регистар, Марија Бошковска-Јанковски, Раководителот на департманот за економски прашања и меѓугранична соработка во Канцеларијата на ЕУ, Фрек Јанмат и Директорката на Европската банка за обнова и развој за Република Македонија, Анка Јоанеску.

Премиерот Заев во своето обраќање истакна:

Дозволете ми најпрво да ѝ ја честитам 16-тата годишнина на Централниот Регистар на Република Македонија на директорката Марија Бошковска-Јанковски и на сите вработени во институцијата. 

Истовремено сакам да ви честитам за претседателството со Светскиот Форум на Корпоративни Регистри во 2019 година, што претставува особена чест за нашата земја. 

Централниот Регистар на Република Македонија е институција која е стожер на креирањето на деловната клима во земјата, промотор на дијалогот помеѓу приватниот и јавниот сектор и сервис на деловната заедница и граѓаните во Република Македонија.

Владата на Република Македонија ќе продолжи да дава целосна поддршка на напорите на институцијата во нејзиниот развој кон креирање на едношалтерски систем за деловната заедница и инвеститорите во земјата, имајќи ја во предвид заедничката цел, а тоа е промовирање на Македонија како земја со поволна деловна клима како за странските така и за домашните инвеститори и бизниси. 

Централниот Регистар е важна врска помеѓу Владата на Република Македонија и деловната заедница и преставува значаен инпут во формулирање на реформските инцијативи и политики на Владата на Република Македонија.

Резултат тие иницијативи е растот на стопанството, промовирање на здрава и поволна деловна клима и промовирање на Република Македонија како стабилна долгорочна дестинација за инвестиции.

Особена чест и задоволство ми претставува фактот дека оваа 16-та годишнина на Централниот регистар на Македонија коинцидира со уште еден настан кој е од огромно значење на регионално ниво. 

Во септември 2017 година, по добиената поддршка од страна на Владите на Република Србија и Република Македонија, Агенцијата за деловни регистри на Република Србија и Централниот Регистар, поддржани од Европската Банка за Обнова и Развој, го започнаа проектот за креирање на Регионалниот Регистарски портал.

Проектот е дел по пошироката рамка на Берлинскиот процес за Западен Балкан, и претставува еден од фундаменталните инфраструктурни проекти за поврзување на регионот, за слободен проток на информации и за креирање на заеднички пазар.

Порталот нуди услуги на бизнис аналитика од регистарски податоци кои ќе бидат основа за сите понатамошни иницијативи за воспоставување на Единствен Пазар на Западен Балкан. Овој проект е прв, и вистински пример на институционална интероперабилност помеѓу Македонија и Србија.

Регионалниот Регистарски портал, со приклучувањето на останатите регистри од регионот во периодот пред нас, треба да прерасне во централен дигитален пазар на корпоративни и финансиски информации и сервис за деловната заедница и инвеститорите во и вон регионот.

Ова заедно со останатите иницијативи, како што се креирање на заедничка царинска зона, инфраструктурното, телекомуникациското, енергетско и патничко поврзување треба да придонесе кон трансформација на целиот регион на Западен Балкан во поволно место за живеење и работење. 

Да промовира соработка и пријателство и да даде дополнителен импулс и стимул на заедничкиот стремеж на регионот кон полноправно членство во Европската Унија.

Почитувани присутни,

Чест и задоволство ми е денес да присуствувам на потпишувањето на Договорот за формирање на управувачко тело на Регионалниот Регистарски портал, помеѓу Агенцијата за деловни регистри на Република Србија и Централниот Регистар на Република Македонија, со што проектот преминува во својата институционална фаза.

Би сакал да им честитам на Директорот на Агенцијата за деловни регистри на Република Србија, г-динот Звонко Обрадовиќ и Директорката на Централниот регистар на Република Македонија, Марија Бошковска-Јанковски на нивната посветеност кон проектот.

Истовремено би сакал да им се заблагодарам и честитам на моите колеги од Владата на Република Србија, како и на Европската Банка за Обнова и Развој за нивната поддршка кон овој значаен чекор насочен кон креирање на заеднички пазар во регионот.

Истовремено, сакам да ви ветам дека ние како Влада на Република Македонија ќе продолжиме со нашата целосна поддршка на Регионалниот Регистарски Портал во неговиот раст и развој.