Премиерот Заев на регионалниот форум за имплементација на Истанбулската Конвенција

Владата на Република Македонија, Регионалната канцеларија на Обединети нации за родова еднаквост и зајакнување на жените (UN Women), Европската Унија и Советот на Европа, во партнерство со Европското женско лоби денеска официјално го отворија дводневниот Регионален форум „Промовирање на имплементацијата на Истанбулската конвенција во земјите на Западен Балкан и во Турција – Интегрирани политики, инклузивни партнерства“, кој ќе го разгледа напредокот во имплементацијата на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство, позната како Истанбулска конвенција. 

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев истакна дека насоките што произлегуваат од Истанбулската Конвенција, ќе помогнат во промената на менталитетот, како неопходна фаза за ефикасна и трајна борба против насилството врз жените.

„Мојот личен стремеж е нула толеранција и тоа го очекувам од секој мој соработник, и од целиот систем на институциите. Како клучна ја сметам и соработката со граѓанското општество и поддршката на силните женски организации за подобри закони и политики во врска со родовото насилство. Исто толку силен ентузијазам и енергија сакам да му посветам и на машкиот свет, но појдовната црвена линија за овие прашања е консензуалното прифаќање дека вознемирувањето или насилството во било која форма врз жените и девојките не е привлечно, не е машко, ниту машкост и не е прифатливо“, порача премиерот Заев. 

За потребата од сеопфатен и структуриран пристап и превенција, не само на залечување на последиците, туку и во пронаоѓањето на најдобри решенија за елиминирање на родовото насилство, говореше и министерката за труд и социјална политика, Мила Царoвска, која подвлече дека Владата работи во текот на целата година на ова прашање и презема конкретни чекори за превенција и заштита на жените кои преживеале насилство.

„Државата има должност да обезбеди услови за живот безбеден од насилство за секој поединец. Но, за да постигнеме реален успех во оваа борба сите ние мораме да продолжиме да работиме и заедно да испратиме јасна порака дека никој не смее да молчи. Владата го усвои Акцискиот план за спроведување на Истанбулската конвенција во Република Македонија за периодот 2018-2020 година. Веќе е формирана работна група која треба да подготви предлог закон за родово засновано насилство, а заедно со Министерството за правда ќе работиме на измени во Кривичниот закон. Се унифицира и системот за постапување. Изготвени и усвоени се стандарди и процедури за семејно насилство во соработка со граѓанскиот сектор“, истакна министерката за труд и социјална политика Мила Царoвска. 

На Форумот свои обраќања имаа и регионалната директорка на UN Women за Европа и Централна Азија, г-ѓа Алија Ел-Јасир, амбасадорот на Европската унија во Македонија, г-дин Семјуел Жбогар, раководителот на Одделот за човеково достоинство и родова еднаквост при Советот на Европа, г-дин Даниеле Чангеми, и раководителката за политики и кампањи во Европското женско лоби, г-ѓа Аша Ален. 

Регионалниот форум ќе продолжи со работа и наредните два дена со цел да ја поттикне и унапреди размената на информации и интеракција меѓу националните влади и граѓанското општество во насока на подобрување на нормативните рамки и обезбедување услуги за жените кои преживеале насилство.


Интегрален говор на премиерот Зоран Заев: Нула толеранција и инклузивни политики, вознемирувањето или насилството во било која форма врз жените и девојките е неприфатливо

Од денешното отворање на дводневниот Регионален форум „Промовирање на имплементацијата на Истанбулската конвенција во земјите на Западен Балкан и во Турција – Интегрирани политики, инклузивни партнерства“, организиран од Владата на Република Македонија, Регионалната канцеларија на Обединети нации за родова еднаквост и зајакнување на жените (UN Women), Европската Унија и Советот на Европа, во партнерство со Европското женско лоби, во целост ви го пренесуваме обраќањето на премиерот Заев.

Почитувани учесници на форумот „Промовирање на имплементацијата на Истанбулската конвенција во земјите на Западен Балкан и во Турција – Интегрирани политики, инклузивни партнерства“,

Ми претставува чест да бидам дел од овој голем и значаен настан.

Нагласувам дека ми е чест зашто ја имам привилегијата да бидам заедно со бранителките и бранителите на човековите права од регионот и од светот.

Истанбулската конвенција може да биде инспирација и за нејзиното значење може да се зборува многу. Јас ќе се задржам само на неколку точки.

Како прво, Конвенцијата е платформа за креирање законски и обврзувачки стандарди за целиот регион, како сеопфатна рамка за ефективни политики за борба против насилството врз жените.

Би сакал да истакнам само три области опфатени со Конвенцијата:

  • Во борбата против насилството врз жените и девојките неопходен е сеопфатен и структуриран пристап на повеќе нивоа;
  • Стратегијата за борба против насилството врз жените и девојките треба да биде фокусирана на превенција, а не само на залечување на последиците и
  • Во пронаоѓањето на најдобри решенија мора да бидат максимално и суштински вклучени и мажите како клучна алка во насилството врз жените.

Овие насоки што произлегуваат од Истанбулската Конвенција, за возврат, ќе помогнат во промената на менталитетот, како неопходна фаза за ефикасна и трајна борба против насилството врз жените.

Она што е најнеопходно да се разбере и да се прифати, е дека Истанбулската конвенција не е панацеа. Таа не е лек сега и тука, и не е сама по себе решение кое ќе направи насилството врз жените и девојките да исчезне преку ноќ.

Конвенцијата е само алатка која ќе не подготви и која ќе не држи алармирани ова прашање никогаш да не го занемариме. Ќе ни помогне да ја гледаме постојано големата слика пред нас, составена од многу парчиња на мозаикот во кои се кријат сите феномени на насилството врз жените и девојките.

Фактите и истражувањата го потврдуваат тоа.

Извештајот на Светската здравствена организација покажува дека насилството врз жените е број еден причина за смрт и инвалидитет кај жените – насилство кое влијае на над една милијарда жени и девојчиња.

Истото истражување потврдува дека секоја трета жена во својот животен век искусила физичко или сексуално насилство.

Најголем број од тие насилства биле предизвикани од интимните партнери или од сопрузите на жените. Глобално, 38% од убиствата на жени биле извршени од нивните партнери.

Во оваа прилика ќе се повикам и на последното големо истражување на Агенцијата за фундаментални права на Европската Унија. Истражувањето опфатило 42.000 жени.

Само во периодот додека траело ова последно големо истражување кое беше објавено во 2014 година, за само 12 месеци дури 13 милиони жени во ЕУ биле жртви на физичко насилство.

Во истиот тој период околу 1,5 милиони жени во ЕУ биле жртви на сексуално насилство. Тоа e приближно еднакво колку жителите на Скопје и Загреб заедно.

Овие бројки се шокантни.

Овие бројки покажуваат колку долг пат имаме пред нас, и колку е неопходно ратификацијата на Истанбулската конвенција да се преточи во спроведување на мерките што произлегуваат од нејзините препораки.

Еден од најновите и нај подмолни места на кои се манифестира насилството врз жените и девојките е интернет опкружувањето, односно социјалните мрежи.

Секоја петта жена или девојка доживеала сајбер насилство уште на 15-годишна возраст, предупредува истражувањето на Агенцијата за фундаментални права на Европската Унија.

Скриените или новите форми на насилство укажуваат и на една друга последица која најавува сериозни импликации: Повеќе од половина од жените кои биле жртви, или кои се исплашени од можното насилство врз нив, избегнуваат одредени места, ситуации, процеси, кариерни избори, од страв дека ќе бидат жртви на закани, на заплашување, на насилство или сексуално нападнати.

Последица на овие феномени е насилното оневозможување на потенцијалите на секоја жена одделно, кршење на човековите права, но и лишување на општествата од ресурсите за развој и придонес за заедницата како последица од насилството врз жените и девојките.

Но, ако тоа не го гледаат и не го сфаќаат насилниците, тогаш тоа мора да го препознае и да го реши општествената заедница.

Почитувани учесници на форумот,

Истанбулската конвенција ни овозможува да преземеме чекори за сите овие прашања. Но, како што веќе реков, конвенцијата е само појдовна точка, рамката која мора да биде пополнета со креативни решенија ориентирани кон акција е наша обврска.

Убеден сум дека овој регионален форум ќе ги адресира суштинските прашања, а од реномето на учесниците на форумот, може да се заклучи дека ќе бидат понудени соодветни одговори и насоки.

Исто така сум убеден и дека учесниците од Република Македонија ќе го дадат својот најдобар придонес во работата на овој форум. Во таа насока ќе биде и настапот на нашата министерка за труд и социјална политика која ќе ги презентира клучните поенти од „Националниот акциски план за спроведување на конвенцијата за спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство на Република Македонија 2018-2023“.

Мојата политичка и лична амбиција е да го дадам својот активен придонес за поддршка на имплементација на најдобрите практики во борбата против родовата нееднаквост и дискриминацијата врз жените кои лежат во коренот на насилството врз жените и девојките.

Мојот личен стремеж е нула толеранција и тоа го очекувам од секој мој соработник и од целиот систем на институциите.

Како клучна ја сметам и соработката со граѓанското општество и поддршката на силните женски организации за подобри закони и политики во врска со родовото насилство.

Исто толку силен ентузијазам и енергија треба да им посветиме и на машкиот свет. Треба да разговараме за нивната улога во општеството, и особено во делот на нивното учество во насилство врз жените.

Во потрагата по најдобри решенија, дебатата од никој не смее да биде табуизирана.

Но, појдовната црвена линија за овие прашања е консензуалното прифаќање дека вознемирувањето или насилството во било која форма врз жените и девојките НЕ е привлечно, НЕ е машко, ниту машкост, и НЕ е прифатливо.

Почитувани учесници на форумот,   

Ви посакувам успешна работа на овој дводневен форум. Се надевам дека многу брзо ќе организираме нов форум на кој ќе констатираме дека сме го запреле трендот на насилство против жените, дека сајбер вознемирувањето е елиминирано и дека е намален бројот на мажите кои во својот идентитет го вклучуваат и насилството врз жените и девојките.

Ви благодариме за вашето внимание.