Претседателот на Владата Спасовски со честитка по повод 23 Мај, Националниот ден на Власите

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски, по повод 23 Мај, Националниот ден на Власите, во негово, и во име на Владата, упати честитка до припадниците на влашката етничка заедница. Честитката ви ја пренесуваме во целост:

Денеска го одбележуваме 23 Мај, Националниот ден на Власите, и ова е можност да оддадеме признание на влашкиот народ на вековниот стремеж за зачувување и промовирање на својот сопствен јазик, култура и традиција.

Влашката заедница секогаш била силен елемент во нашата заедничка борбата за слобода, правда, независност и државност.

Влашкиот народ и истакнати личности Власи, споделувајќи ги овие вредности, учествуваа и имаат значајно место во најважните поглавја на нашата долга и богата историја и во сите премрежја, во добро и во зло, се нераскинлив дел на нашето заедничко живеење.

Би сакал да се заблагодарам за вашиот несебичен придонес во градењето на заедништвото и низ толеранција, доверба и почитувањето да продолжиме да создаваме едно општество за сите.
И денес кога се соочуваме со кризата предизвикана од КОВИД-19 заедно со нашите сограѓани Власи, обединети и со солидарни, полесно и побрзо ќе се справиме со актуелната здравствено-економска криза и ќе придонесеме за благосостојба и за  просперитет на нашата заедничка татковина.

Честит 23 Мај, Национален ден на Власите!