Стипендии за додипломски и последипломски студии на државните универзитети во Романија за академската 2019 – 2020 година

Министерството за надворешни работи на Романија нуди 85 стипендии за странски државјани за додипломски (универзитетски) и после дипломски (магистерски и докторски) студии на универзитети во Романија за академската 2019 – 2020 година (подетални информации и целосниот текст на Конкурсот може да се најдат на: http://www.mae.ro/en/10251).

За овие стипендии немаат право да аплицираат државјани на земјите на ЕУ, како и романски државјани, дипломатски претставници акредитирани во Романија и членови на нивните семејства или корисници на друг вид на стипендии.

Кандидатите за овие стипендии треба да имаат завршено соодветно образование во акредитирана образовна институција со постигнат просечен успех повеќе од 7, кој кореспондира со системот за оценување во Романија или со „добар“ успех.

Кандидатите за стипендии за универзитетски и магистерски студии, заклучно до 31 декември оваа година да не се постари од 35 години или 45 години за докторски студии.

Стипендиите се доделуваат :
а) за прв циклус на студии (додипломски во траење од 3 до 6 години) на кандидати со завршено средно образование или соодветни пред – универзитетски студии и на оние кои сакаат да ги продолжат своите студии во Романија.

б) за втор циклус на студии (магистерски), во траење од 1,5 до 2 години, кои завршуваат со одбрана на дисертација, на кандидати со завршено универзитетско образование.

в) за трет циклус на студии (докторат) за кандидати со завршени магистерски студии, во траење од 3-4 години, согласно со специфичните барања на избраниот факултет, а кои завршуваат со докторска дисертација. Приемот на докторски студии е условен со полагање на приемен испит.

Подетални информации во APPENDIX 3.

Стипендиите се доделуваат за студии од следните области: архитектура, визуелна уметност, романска култура и цивилизација, новинарство, политички и административни науки, образовни науки, општествени и хуманистички науки, технички науки, нафта и гас, земјоделски науки, ветеринарна медицина. Стипендиите НЕ се доделуваат за студии од областа на медицина и фармација.

Подетални информации во APPENDIX 4.

Студиите се реализираат само на романски јазик. За кандидати што не го знаат романскиот јазик се нуди подготвителна година за учење на јазикот.

Потребни документи за аплицирање:
1. Уредно потполнет формулар за стипендија во Романија (Appendix 1); 
2. Уредно потполнет формулар за прифаќање на студии во Романија (Appendix 2);
3. Заверени копии од дипломи (за завршено средно образовани со положен матурски испит, диплома за магистратура или докторат) и нивни преводи на еден од овие јазици: англиски, француски или романски; 
4. Заверени свидетелствата од сите години на средно образование, или уверение за положени испити на факултет и заверени преводи;
5. Заверена копија од извод од матичната книга на родените и заверен превод на еден од овие јазици: англиски, француски или романски;
6. Копија од првите три страни од пасошот;
7. Медицинска потврда каде се потврдува дека кандидатот не е заболен од заразни болести и е во добра здравствена состојба за реализирање на студии; 
8. Curriculum Vitae на кандидатот;
9. 2 фотографии, формат на пасош.

Комплетната документација се поднесува во Министерството за образование и наука на Република Македонија, ул. „Св. Кирил и Методиј„ бр 54, 1000 Скопје.

Лице за контакт: Катерина Шумановска, katerina.sumanovska@mon.gov.mk .

Крајниот рок за аплицирање е 28 февруари 2019 година.