Стоилковски: Власта врши жесток притисок врз пратеници, нивни роднини и пријатели, за да ги поддржат уставните измени

Интегрален текст од прес конференција за медиуми на  Наум Стоилковски, Портпарол на ВМРО-ДПМНЕ

Почитувани,

Македонија е жртва на личната желба за спас на политичката кариера на Зоран Заев. Тоа значи заштита на криминалот на власта, тендерите и нивните бенефиции. За Македонија, значи погазено достоинство, сменето име, сиромаштија и беда.

Ако минатите месеци бевме сведоци на насилно туркање на уставните измени, денес насилството засилува и кулминира. Изминатите 24 часа власта врши жесток притисок врз пратеници, нивни роднини и пријатели – за да ги поддржат уставните измени.

Имаме неформални сведоштва од луѓе, чиј што идентитет од разбирливи причини нема да го откриеме, за јавувања од посредници кои што се повикуваат на Зоран Заев. Во игра се пари, ветувања за ослободување од политички прогон, за возврат за поддршка на уставните измени за промена на уставното име на Република Македонија.

Македонија станува окупирана држава од луѓе кои што се на власт и на сила го менуваат името!

Според непотврдени информации, дел објавени од медиумите, поранешни функционери од нашата партија, уценети со случаи дел од политичкиот прогон, под закана за нивната слобода, се ставени во функција да убедуваат со јавувања по пратеници нивни роднини и пријатели.

Против овие луѓе кои што сега се притиснати да работат за Зоран Заев има конструирани обвиненија и судски случаи. Сега оние кои што не издржаа, на овој начин се борат за свое опстојување на слобода.

Но сепак, Македонија е поважна, побитна од било чија лична судбина. Затоа ги повикуваме да не ги прифаќаат насоките и да ги ослободат од притисоци пратениците на ВМРО-ДПМНЕ кои што веќе донесоа одлука да не учествуваат во насилната промена на Уставот.

Да не му се дава ветер во грбот на Зоран Заев кој паѓа во сопствената жива кал! Да ја ставиме Македонија пред личниот интерес. Државниот интерес пред партискиот, да ја ставиме Македонија на прво место!

Државата е погазена, институциите се згазени. Заев е уплашен човек кој што почнува да губи!