29/03/2024
Македонија

Анѓушев и Младеновски на увид во градежните работи во новата странска инвестиција Баумер во која ќе се вработат до 350 лица

Вицепремиерот за економски прашања  Кочо Анѓушев и директорот на дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони Александар Младеновски, во присуство на  Марсел Фрај – оперативниот извршен директор на корпорацијата „Баумер“ и  Новица Шотаровски – директор на фабриката „Баумер“ во Македонија, денеска извршија увид во градежните работи на производствениот погон на оваа швајцарска компанија во ТИРЗ Скопје 1, по што беше потпишан договорот за државна помош.

Baumer Holding AG е семејна меѓународна компанија која произведува напредна сензорска технологија, индуктивни и процесни сензори, енкодери, кабли и други полуфабрикати од областа на електрониката. Во  производните активности, „Баумер“ ќе вклучува и локални квалификувани добавувачи.

Вицепремиерот Анѓушев изрази особено задоволство што изградбата на фабриката е во напредна фаза и посочи дека клучно кај оваа странска инвестиција е тоа што ќе има научно-истражувачки центар во кој ќе бидат  вработени над 30 млади инженери од областа на електрониката, информатиката, машинската технологија.

– Тие брзо градат и  ме радува што градат по швајцарски стандарди и критериуми. Се надевам дека, согласно нивниот план, во март ќе почне и нивното производство. Покрај производство, тие во нашата држава ќе организираат и научно-истражувачки центар во нивната компанија, каде што ќе бидат вработени над 30 млади инженери од областа на електрониката, информатиката, машинската технологија, односно машинските науки и сите тие ќе бидат дел од големото семејство на корпорацијата „Баумер“ – рече Анѓушев по потпишувањето на договорот.

Тој потенцира дека Владата и понатаму ќе биде посветена на поддршка и на привлекување директни странски инвестиции.

– Ова е една од фабриките што успеавме да ги привлечеме во Република Македонија во последната година. Тие на број се повеќе од 20. Овие фабрики ќе дадат сериозен импакт врз растот на бруто-домашниот производ на државата. Ние како држава немаме големи ресурси, немаме нафта, немаме гас. Нашата индустријализација е шансата за развој на Република Македонија и како Влада ќе бидеме посветени да направиме брза и квалитетна индустријализација. Но не со трудоинтензивни дејности, каде што вработените ќе земаат по 200-300 евра плата туку индустријализација со високотехнолошки развиени компании, какви што се обидуваме да развиеме и да привлечеме во државата, каде што ќе работат претежно инженери, каде што ќе им дадеме шанса за нашите млади високообразовани кадри кои треба да останат во нашата држава, но не за мизерни услови туку за солидни плати и солиден стандард. Само така ќе обезбедиме иднина за нашата држава, за нашите млади генерации. Очекувам компанијата „Баумер“ да има сериозен придонес во таа работа – рече вицепремиерот Анѓушев, додавајќи дека секоја нова фабрика претставува празник.

По потпишувањето на договорот за државна помош директорот на фабриката Баумер во  Македонија, Новица Шотаровски најави дека планирано е да бидат вработени од 300- 350 лица, а стартот на производство се планира за март следната година.

– Почетокот на градежните активности го означивме на почетокот на јули 2018 година со поставување на темелите, а веќе за не цели 9 месеци, во март 2019 година „Баумер“ ќе биде потполно оперативен за своите први производи. Во првата фаза на инвестицијата, која е во тек, на простор од 3.840 квадратни метри ќе се инвестираат меѓу 6 и 7 милиони евра и ќе се вработат помеѓу 150 и 200 вработени. Втората фаза е планирана за 2023 година со проширување на дополнителни 4.000 квадратни метри производни капацитети и дуплирање на бројот на вработени – рече Новица Шотаровски, директор на фабриката „Баумер“ во Македонија.

Шотаровски посочи дека третата фаза е изградба на дополнителен административно деловен дел на 2.000 квадратни метри со што инвестицијата би достигнала нешто повеќе од 9 милиони евра и најмалку 350 вработени. Бидејќи развојот и иновациите се втемелени во корпоративната филозофија на „Баумер“, паралелно со производството ќе се оформи и Центар за иновации и развој во Скопје, во кој приближно 30 софтверски, електро и машински инженери ќе ги создаваат новите генерации производи од портфолиото на „Баумер“.

– Покрај тоа што во логото на Баумер стои Passion for Sensors (Пасија за сензори), според тоа што досега го видов во деловните единици во Швајцарија и Германија, постои и пасија за луѓето што ги создаваат тие сензори и технологија, особено за нивното здравје и сигурност. Кога ќе биде фабриката во Скопје подготвена и пуштена во целосна употреба на 15 март 2019 година, таа ќе биде опремена со внимателно одбрани системи за одржување на потребните работни услови, ергономски ентериер и работни простории, кантина со внатрешен и надворешен простор, простории за вежбање и релаксација како и технологија за продукција и комуницирање според најновите светски достигнувања. За беспрекорно функционирање на административно-производните процеси, вработените од менаџментот и производството ќе посетуваат повеќенеделни обуки во Швајцарија и Германија – рече директорот Шотаровски.

Директорот на ТИРЗ Александар Младеновски  посочи дека Македонија е на мапата на странските инвеститори за што е и потврда денешното потпишување на договорот за државна помош.

– Преку овој договор, активностите  на оваа компанија ќе бидат помогнати и делумно субвенционирани преку транспарентите мерки од донесениот План за економски раст на Владата на Република Македонија. Висината на планираната инвестицијата ќе изнесува околу 9 милиони евра, со најавени 300-350 нови вработувања во пет фази. Длабоко сум уверен дека со приклучувањето на  „Баумер“, кон еминентното семејство на компании во ТИРЗ Скопје 1 ќе ги охрабри и сите други компании што најавија инвестициски активности кај нас во наредниот период, а секако ќе придонесе Македонија да стане уште попрепознатлива дестинација на светските инвеститорски мапи – рече директорот на ТИРЗ Александар Младеновски.

„Баумер“ е фамилијарна компанија, која 66 години се развива и доминира на светскиот пазар за индустриски сензори и процесно мерни инструменти. „Баумер“ постојано инвестира и се развива, и во моментов брои 2.700 вработени во вкупно 38 бизнис единици во 19 земји во светот, а е присутен со продажба во 70 земји во светот. Помеѓу нив се и фабриките и центрите за иновации и развој во Швајцарија, Германија, Франција, Италија, Данска и Индија, а со инвестицијата во Македонија таа бројка ќе достигне и повеќе од 3.000 вработени. Растот на побарување на сензорска технологија во светски рамки е проектиран на 11% годишно со тренд да достигне 241 милијарда долари до 2022 година.