29/03/2024
Македонија

Анѓушев и Николовски: Олеснетите царински бариери, ја спасија месната индустрија од колапс, а граѓаните добија поевтини домашни сувомесни производи

Времената мерка за ослободување на царинската давачка за увоз на смрзнато свинско месо, даде позитивни резултати за развојот на домашната месна индустрија, порачаа на денешната прес конференција потпретседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски и претседателот на Групацијата за преработка на месо и производство на сувомесни производи при Стопанската комора на Македонија, Гоце Трајчев.

Анализата на Групацијата покажува дека за првите три месеци откако е воведена мерката, значително е зголемено вкупното производство на сувомесни производи, извозот на македонските месни преработки, а потрошувачите добија производи со пониски цени.

Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев посочи дека, оваа мерка ќе ја зголеми искористеноста на производствените капацитети на месната индустрија, кои досега работеа со минимална искористеност од 28 отсто.

„Досега во супермаркетите три четвртини од месните производи беа од увоз, а само една четвртина беа од македонско производство, Тоа беше аларм за Владата, во соработка со Министерството за земјоделството, Министерството за економија и Стопанската комора на Македонија да најдеме начин како да ја санираме оваа состојба. Владата донесе мерка со која што ги олесни царинските бариери што оваа индустрија ја ставаше во неконкурентна состојба со увозните производи. Денеска сме сведоци дека мерката даде значаен резултат, производството е зголемено за 40 отсто а извозот за 61 отсто, и воедно цената на сувомесните производи за граѓаните е намалена“, изјави вицепремиерот Анѓушев.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, потенцираше дека мерката е донесена после повеќе состаноци до претставници од месната индустрија и со фармерите, се со цел да се донесе соодветно решение од интерес на двете страни, а при тоа да не се загрози домашното производство на свежо свинско месо. Во целиот процес беа значајни и анализите на Агенцијата за храна и ветеринарство, за состојбата со домашното производство на свинско месо.

„Резултат на оваа мерка е што целата оваа месна индустрија се спаси од колапс, затоа што во последниот период бевме сведоци како за краток временски период се затворија 12 објекти. При тоа, со мерката добивме позитивни резултати во делот на зголемување на извозот нашите сувомесни преработки, а без при тоа  да биде нарушено домашното производство на свежо свинско месо. МЗШВ, во насока на поддршка на овој домашен сектор кој што забележува пораст кај производството на свежо свинско месо, Владата паралелно носеше нови мерки и политики. За годинава за 10 отсто се зголемија субвенциите за домашните  фармери со развоен потенцијал, а за прв пат распишавме и оглас за доделување на државно земјоделско земјиште под закуп за сточна храна. МЗШВ веќе работи и пакет нови мерки за сточарството “, изјави министерот Николовски.

Вицепремиерот Анѓушев и министерот Николовски порачаа дека нашето членство во НАТО и ЕУ, ќе придонесе за уште побрз развој на овој сектор, на земјоделството и крајно на  вкупната економија.

Од Групацијата за преработка на месо и производство на сувомесни производи при Стопанската комора на Македонија, изразија задоволство за воведената мерка, со која што е решен проблем, кој што се таложел со години. Оценуваат дека како резултат на оваа мерка не само што ќе се зголеми искористеноста на производствените капацитети, туку тоа ќе придонесе и за отворање на нови работни места и зголемување на платите во овој сектор.