25/04/2024
Македонија

АХВ главен известувач за регионот за препораките за примена на стратегијата за антимикробна отпорност

Разгледување и анализа на ситуацијата со здравствената состојба кај животните во регионот во периодот 2017-2018 година, со посебен акцент на состојбата со присуството на болестите Африканска свинска чума, Чума кај малите преживари, Авијарна инфлуенца и болестите кај водените животни, беа дел од темите на 28 Конференција на ОИЕ – Регионална комисија за Европа, која од 17 до 21 септември се одржа во Тбилиси, Грузија. На конференцијата учествуваа 42 земји членки на ОИЕ од регионот, вклучително и Република Македонија.

– Коференцијата ја отвори Генералниот директор на ОИЕ д-р. Моник Елиот и на неа се дискутираше за важни теми од областа на здравствената заштита за регионот. Како посебна техничка тема се разгледуваше примената на биосигурносните мерки во различни производствени системи на индивидуално, колективно и регионално ниво, тема за која се донесе и документ – препорака за тоа што треба да работат и кои мерки треба да ги применат земјите членки – информира директорот на Агенција за храна и ветеринарство Зоран Атанасов.

На конференцијата се разговарало и за важноста на пропишувањето на антимикробните агенси и контролата на нивната дистрибуција, со можен систем на електронско следење од страна на ветеринарните служби за соодветната примена на стратегијата за антимикробна отпорност, тема за која директорот Атанасов од страна на Светската организација за здравствена заштита на животните – ОИЕ беше назначен за главен известувач за регионот за препораките кои беа донесени на оваа тема, кои се однесуваа на мерките кои треба да ги преземат земјите членки.

-Голем дел од двете препораки што се донесоа на конференцијата, Агенцијата за храна и ветеринарство ги спроведува, или веќе има изработено документи кои ќе овозможат нивна примена во пракса. На конференцијата отворено беше и прашањето за креирање на европски модел за следење на ширењето на болестите кај животните, како алатка што ќе им помогне на земјите членки од регионот подобро да се подготват при справувањето со заразните болести кај животните. Се нагласи напредокот, придобивките и можноста да се учествува во тој проект – вели Атанасов.

На конференцијата направени биле подготовки за подготовка на седмиот ОИЕ стратешки план и за дефинирање на идните регионални приоритети.