18/04/2024
Македонија

Годишно обраќање на претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, во Собранието на Република Македонија

Почитувани присутни,

Уставот на Република Македонија ме обврзува како Претседател на Република Македонија барем еднаш во годината да се обратам во Собранието за прашања од мојата надлежност. Во оваа прилика, преку ова Собрание се обраќам и до македонските граѓани за најважните прашања со кои се соочува нашата Република.

Во изминатата година како Претседател на Република Македонија со Владата соработував околу повеќе прашања од споделена надлежност. Во сферата на надворешната политика, ги прифатив сите квалитетни владини предлози за амбасадори за кои сметав дека професионално ќе ја претставуваат Република Македонија во странство. Постигнавме согласност и околу новиот гувернер на Народната Банка на Република Македонија. Именував нов Началник на Генералштабот на Армијата на Република Македонија. Со Собранието соработував преку именувањето на двајца нови уставни судии. И таквата соработка за доброто на државата е неопходна во секоја кохабитација. Но, има суштински важни причини поради кои нашата кохабитација е ставена на тест.

Пред некој да помисли дека ова ќе биде мое последно обраќање, мој отчет за сработеното во вториот мандат, сакам да го истакнам следново. Се уште е рано за отчет. Кога на 12 мај 2014 година по вторпат го презедов мандатот, тука, во оваа сала дадов свечена изјава дека како Претседател на Република Македонија и како Врховен командант на вооружените сили ќе ги бранам суверенитетот, територијалниот интегритет и независноста на Република Македонија од внатрешните и надворешните предизвици, закани и ризици. Во таа изјава стои дека ќе ги бранам Уставот и уставниот поредок на Република Македонија. Денес од ова исто место повторувам дека до таа моја заклетва ќе се придржувам до последниот ден од мојот мандат. И од тоа не мислам да отстапам.

Имам многу добра причина за мојата решителност. Бидејќи токму за време на овој втор мандат Република Македонија се соочува и со внатрешни и со надворешни закани и ризици по нејзиниот суверенитет, територијален интегритет, независност.

Се вели дека вистината ги разобличува лагите, ги открива неисполнетите ветувања, ја разоткрива нечистата совест. А има многу нечиста совест во однос на Република Македонија.

Почитувани присутни,

Неодамна во Париз учествував на 100 годишнината од крајот на Првата светска војна. Сите учесници беа поканети да донираат по една книга во библиотеката на мирот. Во таа француска библиотека на мирот јас ја донирав книгата „Македонскиот јазол” од првиот германски амбасадор во Република Македонија – Ханс Лотар Штепан. Зошто токму таа книга? Бидејќи нерешеното македонско прашање беше причина за балканските војни и влијаеше на сојузите во Првата и Втората светска војна.

За да биде одржлив, мирот мора да биде праведен. А праведноста на еден поредок, вклучително и меѓународниот поредок, се гледа од начинот на кој ги третира најмалите народи и држави. Македонскиот јазол почна полека да се разврзува со формирањето на АСНОМ-ска Македонија и со прогласувањето на независна Република Македонија. Она што е многу важно е дека Македонскиот јазол не може да се пресече, туку мора многу внимателно да се разврзува. Бидејќи, сечејќи го јазолот се сече и дели македонскиот народ. Како и сите мои претходници, така и јас како Претседател на Република Македонија работев на разврзување на тој јазол. Бев свесен дека постојат прашања за кои не се преговара, стекнати права за кои не се разговара, црвени линии преку кои не се преминува. Но, во изминативе две години на власт дојде некој кој си мислеше дека е доволно да го пресече јазолот и со тоа да го реши македонското прашање, и тоа по секоја цена.

И токму во тоа е проблемот. Кога сте подготвени едно прашање да решите по секоја цена, тогаш цената е највисока. Цената на ваквото решавање на македонското прашање е правно и историско поништување на Македонскиот народ, бидејќи без македонски народ, македонски идентитет и македонски јазик, нема ниту македонско прашање. Со други зборови, прашањето за идентитетот ќе се реши со негово поништување. Со тоа, Република Македонија и македонскиот народ се втурнати во правна, политичка, историска бездна. Пандорината кутија е отворена и сега речиси секој си зема за право да го негира она што е наше стекнато право. И тоа на повеќе нивоа и во повеќе наврати.

Ќе почнам од крајот, а тоа е Преспанската спогодба.

Од почетокот на независноста, Грција ни го попречи правото на самоопределување, ни го одзеде правото на просперитет, а сега, 27 години подоцна, ни го доведува во прашање и правото на постоење. Трагедијата е што тоа го прави благодарение на Спогодбата од Преспа. Донесена со изговор дека треба да стави крај на спорот за името со Грција и да го отвори патот за членство во Европската Унија и НАТО, оваа спогодба всушност и става крај на Република Македонија каква што ја знаеме. Спогодбата повредува одредба од внатрешното право од фундаментално значење. Текстот на таа Преспанска спогодба е изготвен без национален консензус, без мое знаење и без моја согласност како Претседател на Република Македонија.

Но, едно нешто беше исправено на патот. А тоа е фундаменталното право на народот на самоопределување. Во една република, единствено народот има право да управува сам со себе и да одлучува за својот живот, да го избира своето име и името на државата што ја создал, јазикот што го зборува, културата што ја гради. Затоа, оваа Влада и ова парламентарно мнозинство побара од народот сам да се согласи на таа промена за да може правното укинување на македонскиот народ да се протолкува како негова сопствена волја.

На 30 септември се одржа и референдумот на кои македонските граѓани требаше да се произнесат за Преспанската спогодба. На тој референдум народот се соочи со лажна алтернатива. Избор меѓу просперитет и идентитет, небаре постои такво нешто како просперитет без идентитет.

За време на референдумската кампања Владата тврдеше дека со Преспанската спогодба е признат македонскиот народ, дека е заштитен македонскиот јазик, дека се јакне македонскиот идентитет.

Официјална Атина ги демантираше сите изјави на нашата Влада. Грчкиот премиер Ципрас во повеќе наврати истакна дека Спогодбата не признава македонски народ и македонски идентитет. Неодамна грчкиот претседател Павлопулос потврди дека нема да прифати своеволно толкување на спогодбата.

Од сите прашања, ќе се осврнам на македонскиот јазик. Се тврди дека со Преспанската спогодба македонскиот јазик е конечно заштитен. Со што е заштитен? Како оваа власт може да каже дека се изборила за неотуѓиво право? За македонскиот јазик се избориле оние кои имале храброст да го зборуваат тогаш кога бил забранет, да го кодифицираат тогаш кога бил негиран, да го промовираат тогаш кога бил игнориран. Тие го заштитија македонскиот јазик, а оваа власт само го сведе на монета за поткусурување. Актуелната власт почна да се пазари со оние кои претендираат да го држат клучот на нашето минато и кои го оспоруваат нашето историско право на постоење и самоопределување. Наместо заштитен, македонскиот јазик е изложен на нападите на оспорувачите кои, обидувајќи се да го избришат или преименуваат, вршат опресија врз македонскиот идентитет.

Ризикот беше огромен. Референдумот на 30 септември можеше да ја доведе Република Македонија во состојба на потчинетост и зависност спрема друга држава.

Во вакви нездрави услови проработе имунитетот на македонското општество против наметнатото решение. Референдумот беше неуспешен. Со недоволната излезност на референдумот, народот се изјасни против избрзани, наметнати и штетни решенија донесени без претходно постигнат национален консензус. На 30 септември, со негласање, тивкото мнозинство донесе гласна одлука. Одлука дека никој нема мандат од народот да го менува Уставот заради промена на уставното име ниту право да тргува со идентитетот.

Најголемиот успех на оваа Влада е што ја убеди меѓународната заедница дека референдумот ќе биде успешен и дека народот ќе ја поддржи Спогодбата од Преспа. Но, на крајот од денот, и претставниците на меѓународната заедница се соочија со фактот дека народот ја отфрли Спогодбата. Веднаш потоа, Владата започна да бара изговори и виновници за неуспехот.

Мојата порака е да не се бараат изговори. Причината за неуспехот на референдумот е едноставна. Народот препозна дека е уценет и ја отфрли уцената.

Од судбината на државата зависи и судбината на народот. Но, и од политичката зрелост на народот зависи судбината на државата. Со бојкот на референдумот, народот го одбрани своето право на постоење и го зачува стекнатото право на самоопределување. И уверен сум дека еден ден ќе дојде генерација политичари која ќе го задржи она што сега некој е подготвен толку лесно да го изгуби.

Во моето обраќање во Обединетите нации веќе зборував на таа тема. Можности секогаш постојат, и во односите со Грција и во односите кај нас дома.

Прво, обновување на односите со Република Грција и враќање кон автентичните и ненаметнати мерки на градење на доверба кои почнаа да даваат резултати. Но, за да се постигне тоа, грчкото и македонското општество треба да научат како заеднички да живеат и покрај нивните најдлабоки разлики и перцепции.

Второ, обновување на националниот консензус во Република Македонија. Треба да разговараме и да ги разгледаме опциите за решавање на прашањето во согласност со меѓународното право, преку почитување на нашето фундаментално право на самоопределување. Но, за тоа е потребна политичка волја, тука, кај нас.

Почитувани присутни,

Во секоја функционална демократија пропаднатиот референдум ќе значеше и крај на процесот. Волјата на народот изразена на референдум е патоказ. Знак на демократска зрелост е носителите на одлуки да се водат по тој патоказ, бидејќи граѓаните се првиот и единствен извор на легитимитет.

Но, за жал, тоа не беше случај кај нас. И покрај официјалните резултати, видовме обиди за слободно толкување на Уставот и законите на Република Македонија со цел неуспешниот референдум да се претстави како успешен, како пред домашната, така и пред меѓународната јавност.

Мнозинството во ова Собрание не само што не ја почитува, туку оди спротивно на волјата на народот.

Република Македонија е нашиот заеднички дом. Вие наумивте да го реконструирате со тоа што ќе ги отстраните неговите носечки столбови и ќе ги поткопате неговите темели. Носечките столбови се Уставот и законите. Темелите се клучните државотворни документи на АСНОМ. Каде е свеста дека со тоа се ризикува да имаме дом со раскопани темели и со разнишани столбови? Зарем таков дом ќе им оставиме на нашите деца и внуци?

Преамбулата на Уставот е всушност големиот наратив за тоа како народот ја создаде својата држава. Во Преамбулата е забележан моментот на остварување на правото на самоопределување. Сега се посегнува по нешто што е одамна апсолвирано и затворено. Република Македонија е трајна придобивка на македонскиот народ. Но, со грчката спогодба, таа трајна придобивка сега се релативизира. Како да не се сфаќа дека со релативизирање на трајното, ние се релативизираме и како народ.

Но, не е само Преспанската спогодба.

Кога во 2017 година го потпишав законот за ратификација на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Република Бугарија укажав на една многу важна работа. Договорот зборува за заедничка историја на двете држави и нивните народи. Таа заедничка историја се однесува на периодот од признавањето на Република Македонија од страна на Република Бугарија, односно, од 1992 година. Тоа е вистинската историска рамка на договорот којшто не е насочен кон минатото, туку кон иднината. Наместо тоа, се дозволи слободно толкување на договорот поради што Република Македонија е втурната во лавиринт од кој тешко се излегува. Сега Софија најавува анекс на договорот.

Орвел напишал дека „кој го контролира минатото ја контролира иднината, а кој ја контролира сегашноста, го контролира минатото.” Од каде таа аверзија кон историјата? Тврдите дека македонскиот народ живее во минатото и дека сакате да го однесете во иднината. Но, народот не живее во минатото, туку со минатото, и тоа не за да мрази, туку за да се сеќава. А сега сакате и колективните сеќавања да ги цензурирате.

И конечно, кон спогодбата од Преспа и слободното толкување на договорот со Бугарија ќе го додадам и третиот голем предизвик за македонската држава – а тоа е Тиранската платформа. Независно што некои го одрекуваат постоењето на Тиранската платформа, сепак, делата гласно зборуваат за целите и намерите.

Законот за употреба на јазиците, на начинот на кој што е напишан, но и изгласан, ќе предизвика целосна блокада на работата на институциите. Речиси нема член во тој закон во кој не е прекршен Уставот на Република Македонија. Законот е усвоен во Собранието вон секоја процедура и надвор од надлежните тела. Надминат е предвидениот законски рок, злоупотребено е европското знаменце, а не е консултирана ниту Венецијанската комисија. Законот го вратив без да го потпишам и тоа со низа забелешки. Парламентарното мнозинство ги игнорираше моите забелешки но и ставовите на стручната јавност и опозицијата.

Некој не само што немал храброст да се соочи со вистината за неуставноста на Законот за јазици, туку нема ни храброст да се потпише на кривичната пријава против мене. Зарем сакаат со анонимни кривични пријави да го принудат Претседателот на државата да го прекрши Уставот?

Како Претседател но пред се како човек го почитувам албанскиот народ, како што ги почитувам и турскиот, српскиот, влашкиот, ромскиот, бошњачкиот народ.

Не треба да се заборави дека Република Македонија е заеднички дом на сите граѓани. Секоја заедница може да го користи својот јазик во сите сфери и на сите нивоа во согласност со Уставот. Но, ваквото единство на различноста е возможно благодарение на македонскиот јазик што ја има незаменливата улога на официјален јазик на државата, основен комуникациски код и кохезивен фактор што ги поврзува сите сегменти на македонското мултиетничко, мултирелигиско и мултијазично општеството. Македонскиот јазик е lingua franca благодарение на кој меѓу себе се разбираат припадниците на различните заедници. Тоа е дел од нашиот општествен договор. Нашата сила е во нашата различност, а нашата различност е гарантирана со нашето единство. Израз на тоа единство е македонскиот јазик.

Доколку противуставниот закон за употреба на јазиците стапи на сила, тогаш Македонскиот веќе нема да биде lingua franca што ќе го обединува македонското општество.

Ценети присутни,

Како последица од ваквите загрижувачки процеси, Македонскиот народ станува табу тема во Република Македонија. Пред неколку години имавме забранета книга. Годинава постоеше обид за забрана на филм што третира македонска тема. Многу содржини од учебниците по историја ќе бидат забранети. А сега се најавува дека ќе биде забрането изразувањето на етничката припадност на пописот на населението. Долго време инсистирам на попис, но, која е целта на пописот без изразување на етничката припадност?

Со Охридскиот рамковен договор во нашиот Устав се вгради концептот на индивидуално користење на колективни права кои се стекнуваат врз основа на процентуална застапеност на етничките заедници. Јавно прашувам: дали со ваков попис се обезвреднува Охридскиот рамковен договор? Зарем ова не е поткопување на нашата мултиетничка демократија? Зарем се заборава дека без етничка графа нема Охридски рамковен договор?

За жал, оваа авто-цензура не запира кај институциите, туку се прелева во секојдневниот живот на граѓаните.

Слушам за родители кои веќе се прашуваат дали да им пеат македонски песни на своите деца за да не бидат жигосани како шовинисти. Слушам за автори кои се прашуваат дали вреди да објавуваат книги за Македонија. Има компании кои не знаат што ќе биде со нивните напорно градени македонски брендови.

Наместо доблест и чест, љубовта кон татковината станува грев.

Живееме во векот на човековите права и слободи. Сите идентитетски битки во светот се водат за формално-правно признавање на идентитетите. Сте се запрашале зошто речиси сите малцинства, независно дали се етнички, верски, јазични, родови, толку упорно инсистираат на правно признавање? Поради правното дејство. Точно е дека никој не може да ми го одземе личното право да се самоидентификувам како Македонец. Но, без правото на самоопределување, самоидентификацијата нема правно дејство. Во време кога немале сопствена држава, многумина од нашите предци себеси се идентификувале како Македонци, но формално-правно ним им наметнувале други туѓи идентитети. А сега вие го лишувате македонскиот народ од формалното колективно право на идентитет и се задоволувате со неформалното индивидуално право на самоидентификација.

Не можете да ја сакате Македонија а да не ги сакате Македонците.

Не можете да ја сакате Македонија а да не го сакате Македонскиот народ.

Зошто ние да бидеме единствената држава без државотворен народ на Балканот?

И како што со спогодбата од Преспа се негира македонскиот народ, а со слободното толкување на договорот со Бугарија се деконструира македонската историја, така со Тиранската платформа и противуставниот закон за употреба на јазиците се прави обид за демонтирање на македонската држава.

Според последните истражувања на јавното мислење, мнозинството млади граѓани сметаат дека Република Македонија се движи во погрешна насока. И тоа не треба никого да изненадува, бидејќи станавме држава во која се започнува наопаку.

Ќе потсетам дека прво се побара поддршка од граѓаните на избори, а дури потоа им се соопшти дека всушност гласале за Тиранска платформа и грчка спогодба.

Прво се донесе закон за употреба на јазиците, а дури потоа се најави дека ќе се побарало мислење од Венецијанската комисија.

Прво се апсеа пратеници, а дури потоа им се симнуваше пратеничкиот имунитет.

Прво се прифати спогодба за името, а дури потоа бев информиран како Претседател на државата.

Прво се донесе таа штетна грчка спогодба, а дури потоа граѓаните беа прашани на референдум.

Власта прво се согласи на промена на Уставот, а дури потоа изнудува 2/3 мнозинство, и тоа преку уцена на пратениците.

Власта прво се согласи на грчки договор што ќе се одрази на иднината на народот, а дури потоа глуми јавна дебата.

Законите се напишани за да се почитуваат, институциите се поставени да соработуваат, но и да вршат контрола едни над други за да не се прават грешки. Само преку владеењето на правото и законските механизми државата може да ја остварува својата суштина – а тоа е да се грижи за општото добро на граѓаните.

Нема ден а некој да не ме праша зошто ги прифатив, а уште повеќе зошто не ги активирав гаранциите на Заев за да му го дадам мандатот. Мојот одговор е дека со неговиот потпис на тие писмени гаранции јас ставив вето на законот за употреба на јазиците и законот за ратификација на спогодбата од Преспа. Со тоа, гаранциите се активирани. А активирани се бидејќи сме соочени со апсурд.

Уништувањето на државата се оправдува со обезбедување на иднина за државата.

Од таканаречена заробена држава чувствувам дека станавме и уценета држава.

Од надвор не уценуваат соседите, внатре се уценети многу носители на одлуки.

Уцената стана основно средство за остварување на целите.

Почитувани сограѓани,

„Доаѓаат месеци и години кога политичарите, независно кој од нив се на власт, а кој во опозиција ќе се занимаваат со сериозни и стратешки важни одлуки за државата, нацијата и идентитетот и јас не сакам да дозволам ниту оние кои ќе бидат во власта, ниту оние кои ќе бидат во опозицијата, да носат одлуки, а да се истовремено оптоварени и под личен притисок од можноста неправично да бидат уценети, да се соочени со лична закана за својата слобода, чест и углед, иднина или каква било уцена од некој надворешен или внатрешен фактор. Можеби и токму заради таквата цел, некој ја предизвика и оваа ситуација. За да може да влијае врз нив или дури можеби и да ги контролира нивните одлуки, се разбира пред се во свој интерес.”

Ова не е опис на актуелната состојба. Ова го кажав на 12 април 2016 година кога донесов одлуки за помилувања. На македонската јавност и оставам да процени дали сум бил во право.

На 27 април политичкото насилство доведе и до физичко насилство. Насилство најостро осудувам. Но, кога веќе зборувам за уцената на пратениците и широкоградо понудената амнестија, сакам да поставам едно прашање.

Која е разликата меѓу моите помилувања и вашата амнестија? Во целите.

Мојата цел беше помирување преку помилување, а вашата цел е обезбедување поддршка за уставните измени преку уценување.

Додека јас одлуките за помилувања ги донесов за да спречам хаос во државата, вие, одлуката за амнестија ја носите за да ги озаконите уцените со кои се создава хаосот и се руши правната држава.

Моите помилувања не вклучуваа спречување на постапката за конфискација на нелегално стекнат имот и подразбираше прочистување на македонската политичка сцена и промовирање на нови лица во политиката. Вашата амнестија е само уште еден преседан за уцена.

Овој закон го потпишав не заради големото мнозинство со кое го изгласавте, ниту заради повеќето луѓе кои најверојатно ќе бидат опфатени со амнестијата. Ако вие Законот за амнестија го донесовте заради пратениците со цел да ви поминат уставните измени, јас го потпишав за да ги разоткријам вашите вистински цели и намери, дека оваа амнестија не е за помирување туку за уценување. Со вакво помирување не може да се помири македонскиот народ. Но, законот го потпишав и поради патриотите чија ненасилна љубов кон татковината очигледно била злоупотребена за други цели. Овој закон за амнестија нека биде сведоштво за двојни стандарди, бидејќи двојните стандарди се насилство против правдата. А без правда нема вистинско помирување, без правда нема мир.

Но, во поделено општество, какво што за жал е нашето, не може да се очекува зборовите да имаат иста вредност. Сè додека простувањето и помирувањето се само средство за постигнување на некоја друга цел, вие само го девалвирате и простувањето и помирувањето. Национално помирување ќе настапи тогаш кога сите ние, независно од етничката, верската, политичката или која било друга припадност ќе побараме прошка од оние на кои сме им згрешиле и ќе им простиме на оние кои ни згрешиле. А прошката треба да оди рака под рака со одговорноста.

Почитувани присутни,

Мене никој не може да ме уценува. Не можеа да ме обвинуваат ниту за неморал ниту за криминал, па затоа се обидоа да го нарушат мојот углед, и тоа со конструкции, лаги, навреди, омаловажување, па дури и со фалсификувани белешки.

Трпев и закани. Има јавни личности кои јавно повикуваат на линч и убиство на Претседателот и неговото семејство. Не навредуваа и омаловажуваа. Ете такви се некои од моите критичари, кои не можат ништо да кажат ништо добро за себе, па кажуваат се најлошо за другите.

Но, и покрај ова, истражувањето на јавното мислење во изминатите 10 години недвосмислено покажува дека Претседателот на Република Македонија е политичка институција со највисока доверба меѓу граѓаните. Но, и уште нешто. Ако можеме да им веруваме на последните анкети за тоа каков треба да биде идниот Претседател на Републиката, најмногу граѓани се изјасниле дека претседателот треба пред се да биде чесен. Тоа е мојот личен удел во враќањето на довербата во институцијата Претседател на државата. Кој и да дојде после мене, мора пред се да биде чесен кон себе и кон државата.

Во изминатиов период бевме сведоци и на лажни искази за измислени настани и за непостоечка комуникација со цел да се докаже моја наводна вмешаност во настаните од 27 април. Со помош на великодушна амнестија, како некој да се обидува да ја скрие вистината за вистинските нарачатели на насилството од 27 април и да скрои лажна приказна по негова мерка. Сите ние ја заслужуваме вистината. А единствената вистина во врска со она за што ме обвинуваат е следната: сценарио за воена и вонредна состојба немало, освен ако во Република Македонија не функционирал паралелен Врховен командант на вооружените сили и паралелен Генералштаб на Армијата на Република Македонија, и ако некој не го злоупотребил моето име за свои цели.

Од тука сакам да ја запознам целата македонска јавност за една многу важна работа. Постојано ми стигнуваат информации дека врз основа на усна наредба, повторувам, усна наредба, се врши следење, снимање и прислушкување на Претседателот на државата, на членовите на неговото семејство и членовите на неговиот Кабинет. А тоа е само индикатор дека се менуваат системи, називи, влади, министри и директори но, по се изгледа дека УДБА си останува УДБА со удбашки методи.

А кога веќе ја споменувам Управата за безбедност и контраразузнавање, ќе ве потсетам дека уште минатата година зборував дека УБК е жариште на политички, институционални и безбедносни кризи. Наместо да ги спроведува законите, УБК работи надвор од својот законски мандат.

Ова е последица на една голема заблуда. Секоја партија што доаѓа на власт мисли дека ќе може да ја контролира УБК, за на крајот да сфати дека УБК е таа што контролира. Како и неколкупати претходно во минатото, така и сега УБК се користи како алатка за конструирање на лажни случаи со цел реваншизам, гонење и уцена. Тоа е машинерија за делегитимирање на институциите на државата, како што впрочем неодамна почувствувавме. УБК е еден од главите инструменти за вршење уцена.

Точно е дека се нудат реформи. Но понудените реформи се повеќе форма и фасада а помалку суштина. Забелешките на Прибе суштински не се исполнети.

Со предложените реформски закони се прават обиди концентрацијата на моќ од МВР да се пресели во Владата, нелегалното да се легализира, незаконското да се озакони, а вечните предизкувачи на кризи да се понудат како спасители од кризи, се разбира, откако сами себе ќе се реформираат според само ним познати критериуми. Со несуштинските реформи се остава голем простор за злоупотреба и нарушување на основните човекови права и слободи. Ве потсетувам дека следни жртви на вакви злоупотреби можете да бидете токму и вие. Се заборава дека освен моќта, треба да се пренесе и одговорноста. Затоа прашувам, кого чуваат чуварите и кој ќе не чува од чуварите?

Останува дилемата како да ја заштитиме демократијата во Републиката од лажните вести, конструкциите и фабрикуваните случаи кои се институционализирани преку УБК. Неодамна сите се уверивме дека постојат фабрикувани класифицирани белешки што се користат за носење судски одлуки. Се плашам и да помислам колку такви фабрикувани документи од УБК биле основа за конструирани дела.

Почитувани сограѓани,

Во изминатите 10 години како Претседател на државата и изминатите 27 години како граѓанин и универзитетски професор не сум гледал друга перспектива за Република Македонија освен членството во Европската Унија и НАТО. Верувам во европската идеја како мировен проект што го отвора просторот и ги трансформира државите и општествата. Членството во Европската Унија и НАТО го сплотува целото наше општество, бидејќи за македонските граѓани НАТО значи безбедност, а Европската Унија значи просперитет. И македонските граѓани два пати ме избраа да работам на остварување на таа цел.

Го правам сето она што е во моја надлежност. Како врховен командант на вооружените сили посветувам големо внимание на Армијата на Република Македонија преку која ние практично сме во НАТО. Армијата успешно и посветено се соочи со сите предизвици и целосно ја оправда мојата доверба и довербата на македонските граѓани. За мене е чест да бидам Врховен командант на армија со нескршлив дух. Но, тој дух мора да се одржува. И токму затоа мора да се вложува во Армијата. И тоа не само во нејзината опрема, обука и технологија, туку и во подигнување на животниот стандард на припадниците на Армијата на Република Македонија. Грижејќи се за војниците, подофицерите, офицерите и цивилите, ние се грижиме за Армијата, а грижејќи се за Армијата се грижиме за нас, за Република Македонија, за нејзината безбедност и нејзината евроатлантска интеграција.

Како Претседател постојано се залагам кај моите европски соговорници за датум и почеток на преговори за членство во Европската Унија. Речиси нема настан и средба на која не го покренувам ова прашање.

Но, мора да дадеме решение за клучните структурни проблеми во Република Македонија, наместо да одлагаме и да чекаме тие сами да се решат кога ќе влеземе во ЕУ и НАТО.

Многу наши странски партнери не уверуваа дека Спогодбата од Преспа ќе ја отвори вратата за членство во Европската Унија и НАТО. Но, чудно е што некои од нив премолчуваат дека дури и да се отвори вратата на интеграциите, останува спуштена железната решетка на реформите. Преспа нема да ја крене таа решетка. На јулскиот самит Европската Унија јасно укажа на потребата од реформи. А реформите се долг и напорен процес.

И тука зборувам не само за реформите во безбедноста, туку и во правосудството, образованието, здравството. Знам дека новата Влада ги наследи овие проблеми. Но, наместо решавање на проблемите, гледаме повторување на грешките. Се прашувам дали се случи промената што сите ја очекувавме, и интелектуалците, професионалците, невладиниот сектор, народот?

Прво, правосудството. Кој од оние кои промовираат владеење на правото го почитуваат владеењето на правото? Станавме држава на слободно толкување на Уставот и законите. Правото е сведено на политички инструмент на владејачката структура која на степен на закон го подигнува сето она што ќе го посака. Правдата се уште е слугинка на моќта. Зарем не сте свесни дека ако еден граѓанин ја загуби вербата во правдата, тоа значи дека ја загубил најсилната врска со државата. Односно, веќе престанува да ја чувствува Република Македонија како своја држава. Сте се запрашале ли зошто и економски добро ситуирани граѓани си заминуваат од државата? Поради неизвесноста за иднината на нивните деца. Тешко на она поколение, чиишто судии заслужуваат да им се суди. Не сакам да станеме држава во која ова би се остварило.

Второ, здравството. Секој треба да знае дека нашите деца, нашите најмили се заболуваат, умираат поради лоши услови и недостиг на кадри. Нашите болници наместо од пациенти, се празнат од медицински персонал. Докторите, сестрите си заминуваат во странство. Тоа се наследени проблеми од избрзани реформи. Затоа, кога се спроведуваат реформите, наместо тесно-партиските интереси треба да се земат предвид само интересите на пациентите.

Трето, образованието. Крајно време е да престанат експериментите со учениците и студентите. Тие се потенцијал за промена во нашето општество, и тоа го видовме сите. Неопходни се еднакви можности за сите, еднаков пристап до знаењето за сите, без разлика каде живеат и на кој јазик учат. Како што за одбрана на државата е потреба армија, така за одбрана на општеството се потребни училишта. Во минатото видовме избрзани реформи. Затоа, сега реформите треба да бидат резултат на сеопфатни јавни дебати во кои ќе бидат вклучени и наставниците, и студентите и родителите. А секоја вистинска реформа започнува со вистинското прашање: која е целта на образованието, за оваа генерација, во овој милениум? Никогаш нема да ги заборавам зборовите на еден светски интелектуалец кој во една прилика рече дека би го тужел оној образовен систем што наместо иноватори со идеи создава само баратели на работа.

Тука природно се надоврзува и прашањето за економијата. Со новата Влада меѓу луѓето се роди надеж дека после турбулентен период со длабоки кризи, конечно дојде период на стабилност. Но, наместо крупни економски проекти и намалување на невработеноста, имаме поголемо задолжување. Се повторуваат истите грешки кои беа критикувани од претходниот период: корупција, непотизам, вработување во државни институции за гласови и поддршка, именување на неодговорни лица на одговорни позиции. Овие погрешни чекори и политики ги разочараа граѓаните кои очекуваа да дојде подобар живот во Република Македонија. 30% од децата во Република Македонија живеат во сиромаштија. Сите политики и реформи треба да се насочат кон решавање на овој проблем. Но, не гледам дека фокусот е на вистинско место ако пратеничките привилегии по завршувањето на мандатот се поприоритетни од потрошувачката кошничка на граѓаните.

Поради сите овие кризи Република Македонија е тргната од картите на енергетски коридори. Кој воопшто би сакал клучен коридор да минува низ политичко трусно подрачје? Наместо транзитна држава што ќе наплаќа за транзитот на енергенсите, ние, за жал, ќе бидеме само краен корисник што ќе го плаќа транзитот на енергенсите. Наместо енергетски меѓузависни, ќе бидеме енергетски зависни од нашите соседи кои ќе можат да не држат во енергетско заложништво. Цената за тоа ќе ја плаќаат граѓаните и компаниите.

Дел од таа цена е и аерозагадувањето. Воздухот во Македонија се чини дека е позагаден кога некоја политичка партија е во опозиција, а почист кога е на власт. И обратно. Загадениот воздух не е тема за собирање политички поени. Според последните истражувања, загадувањето е една од главните проблеми што најмногу ги загрижува граѓаните. Чистата животна средина е човеково право. Но поништувањето на резултатите од локалните референдуми за рудниците зборува дека човековите права се заштитени само до таа мера додека се совпаѓаат со тесните интереси на политичките и бизнис моќници.

Почитувани присутни,

На крајот од моето обраќање, не е пријатно наместо за добри решенија повторно да морам да се навраќам на истите проблеми.

Ќе потсетам дека во 2014 година повикував на дијалог во институциите на државата за надминување на политичката криза.

Во 2015 година, ги повикував партиите на единство околу државните интереси.

Наредната 2016-та реков дека зборот на годината треба да биде одговорност, и тоа не општа и безлична, туку конкретна и лична.

Во 2017-та повикав на помирување, простување и прекин на реваншизмот.

Да ме послушавте тогаш, можеби денес ќе имавте помала одговорност. Но ви реков, и затоа одговорноста за оваа најтешка состојба на Република Македонија од независноста до денес е ваша.

Се вели дека оние кои им робуваат на парите ја знаат цената, но ја забораваат вредноста на нештата. Забораваат дека постојат нешта кои имаат вредност а немаат цена. Вредноста на една куќа се состои во тоа што таа е дом. Вредноста на Република Македонија се состои во тоа што таа е наш единствен заеднички дом. Немаме резервна татковина. Затоа, Република Македонија за нас е бесценета. Но, за жал, се однесуваме како да е безвредна.

Се потпираме на меѓународната заедница и се надеваме дека таа ќе ги извојува битките за нас. Но, заборавивме дека битките во кои други се борат за нас не не трансформираат. Нас не трансформираат и не прават подобри само оние битки што ние самите ги биеме. Ако сакате од една група поединци да создадете функционална заедница, дајте им цел што само заедно можат да ја постигнат. Таа цел е Република Македонија. Само заедно можеме да ја чуваме, само заедно можеме да ја градиме.

Најголемо дело на секој кој сака да создаде држава, не е само просто воспоставување на уредувањето, туку пред се одржувањето на тоа уредување. Проекција на тоа уредување во иднината, во далечната иднина. Речиси секое државно уредување, колку и да е несовршено, може да опстане кратко време. 27 години независност на Република Македонија се само миг во долгата историја на човештвото и човековиот стремеж кон слобода и поредок. Нашата цел треба да биде многу потрајна. Да ја градиме Република Македонија како држава што ќе трае и ќе не надживее и нас, и нашите деца, и нивните деца.

Само генерација родена во слобода може да изгради слободно општество. Но, единица мерка за слободата е вистината. Затоа, мора да почнеме со вистината.

На почетокот на моето обраќање реков дека вистината ги разобликува лагите, ги открива неисполнетите ветувања, ја разоткрива нечистата совест. Реков дека има многу нечиста совест во однос на македонскиот случај. Но, вистината ослободува и овозможува да се признае вината, да се поправат грешките, да се исцелат раните. Затоа, денеска, од оваа собраниска говорница гласно ја зборував вистината. Не за да поттикнувам омраза, бидејќи омразата предизвикува раздор, туку за заедно да се соочиме со реалноста.

А реалноста е дека огромна е разликата меѓу слободата со одговорност и слободата без одговорност. Првата е основа на слободното општество, втората е само друго име за безвластие и анархија. И тоа води во непоредок во кој нема слобода. Непоредок во кој владее омразата. Луѓето кои ги мразат своите политички и идеолошки противници, ниту се, ниту можат да бидат слободни. Тие се заробеници на омразата и желбата за одмазда и реваншизам.

Затоа, треба да се ослободиме од омразата и реваншизмот, и да се свртиме кон помирувањето, но она автентичното, без задни намери, без скриени агенди до кое се стигнува преку вистината и одговорноста.

Преку вистината и одговорноста што води до помирување, ќе имаме праведно општество во кое меѓусебното почитување одново ќе биде наша врвна вредност. Во кое власта и опозицијата наместо како заколнати непријатели ќе се доживуваат како достојни противници и партнери за доброто на граѓаните што ги избрале. Држава во која ќе имаме култура на почитување на Уставот и законите. Општество во кое младите ќе имаат реална надеж за исполнет живот и перспектива. Држава во која луѓето ќе имаат правна сигурност и слобода да го планираат својот живот. Држава во која децата ќе живеат во чиста и здрава животна средина. Стопанствениците ќе имаат отворени пазари и фер конкуренција. Студентите ќе се натпреваруваат со идеи, а иноваторите со изуми. Пензионери кои ќе имаат пристојни пензии за достоинствена старост. Доктори, наставници, воспитувачи чии плати ќе соодветствуваат со огромната одговорност што ја имаат – а тоа е да се грижат за здравјето на телото и на духот на секој еден од нас.

Ќе ве потсетам дека ова беа целите и на основоположниците на суверена и независна Република Македонија. Еден од нив, претседателот Киро Глигоров истакна дека прашањето за името и идентитетот е постаро од секој Устав, од секоја Влада, од секоја партија. Постаро е дури и од државата. Ниту еден поединец, од ниту една генерација, нема право да тргува со тоа име и со тој идентитет. И денес, од оваа говорница, се уште се надевам дека ова парламентарно мнозинство ќе смогне сила и ќе го послуша гласот на народот и ќе ја отфрли преспанската спогодба и амандманите за промена на Уставот.

Народот не само што го одбра, туку и го одбрани името на својата држава, а тоа име е Република Македонија. А јас како нејзин Претседател останувам да ја бранам волјата на народот и од тоа не мислам да отстапам.

Ви благодарам.