23/04/2024
Македонија

Делегација на Република Турција во посета на Република Македонија по повод Денот на наставата на турски јазик во Република Македонија

Неформална делегација составена од националниот координатор за НАТО, Стево Пендаровски, заменик министерот за образование, Петар Атанасов и пратеникот Мухамед Зекири, во владата на Република Македонија оствари средба со делегација на Република Турција составена од портпаролот на претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, Ибрахим Калин, советникот за Западен Балкан на претседателот Ердоган, Сабри Демири, амбасадорката на Република Турција во Република Македонија, Тулин Еркан Кара, претседателот на организацијата ТИКА, Сердар Чам, по повод денот на наставата на турски јазик во Република Македонија.

Делегацијата на Република Македонија на гостите од Република Турција им го честиташе празникот велејќи дека ова е празник и за Република Македонија, имајќи ги предвид одличните билатерални но и традиционални односи со нивната земја.

Националниот Координатор Пендаровски истакна дека Република Македонија, од почетокот на своите аспирации за членство во НАТО во Република Турција има не само сојузник, но и верен пријател со кој ќе продолжи да ја одржува соработката и по влезот на Македонија во НАТО алијансата.

Заменик министерот Атанасов, осврнувајќи се на мултикултурниот карактер на Република Македонија, пред гостите ја изложи непоколебливоста на Владата и премиерот Заев за афирмирање на мултикултурноста како вистинска вредност на едно општество за сите граѓани на Република Македонија, а во таа заложба турската заедница во Македонија е од исклучителна важност преку своите придонеси во целокупното општествено живеење.

Портпаролот на претседателот на Република Турција, Ибрахим Калин, на средбата истакна дека Македонија е многу важна држава за Република Турција и за турскиот народ, посебно затоа што многу големи личности во Турската историја потекнуваат од овие простори, меѓу кои и авторот на химната на Република Турција и голем број на пратеници во турскиот парламент.

Поради тоа, како што истакна тој, е и големиот интерес на турски бизнисмени да инвестираат во Република Македонија, што е придонес на Турската бизнис заедница кон економско зајакнување на Република Македонија.

Делегацијата од Република Турција искажа недвосмислена поддршка на патот на Република Македонија кон членство во НАТО и ЕУ, и, како што беше речено на средбата, Република Турција, таквите заложби на Република Македонија ќе ги поддржува постојано, со целиот капацитет на своите институции.