28/03/2024
Македонија

Донесена еколошката уредба за данокот за моторни возила; Утврдени законите за отпис на долгови за камати на граѓаните кон ЈП; Одобрена е согласноста за две нови фабрики на гигантот ДУРА

Редовната 173 седница, Владата речиси целосно ја посвети на разгледување и усвојување на програмите и на финансиските планови за работата на министерствата, на јавните и државни претпријатија, како и на акционерските друштва во сопственост на државата.

На оваа седница, Владата на Северна Македонија ја донесе Уредбата за начинот на пресметка на данокот на моторни возила и на износите потребни за пресметка на данокот на моторни возила врз основа на критериумите утврдени во Законот за данок на моторни возила.

Со оваа уредба, како и со критериумите утврдени во Законот за данок на моторни возила се очекуваат големи придобивки за целото општество преку намалување на загадувањето на амбиентниот воздух, преку обнова на возниот парк со поттикнување на купување на поеколошки возила како резултат на намалување на данок на возила со голема економичност на гориво, како и набавка на хибридни и електрични возила со ниска или “0“ емисија на јаглерод диоксид – CO 2.

Владата на Република Северна Македонија на својата редовна 174 седница што се одржа денеска, го утврди текстот на Предлог-законот за ратификација на Северно-Атлантскиот договор потпишан во Вашингтон на 4 април 1949 година.

Предлог-законот за ратификација на Северно-Атлантскиот договор на нашата земја со НАТО, кој ќе биде пуштен на усвојување во Собранието на РСМ, се предвидува да стапи во сила со денот на објавувањето во “Службен весник на Република Северна Македонија”, по што ќе биде депониран во Вашингтон, откако Шпанија ќе го ратификува Протоколот за пристапување на нашата земја во полноправно членство во Алијансата.

На редовната 174-та седница, Владата ги утврди текстовите на Предлог-законот за отпис на камати и репрограмирање на долгови и трошоци на физички лица, Предлог-законот за измени и дополнувања на Законот за извршување, како и Предлог-законот за отпис на камати и репрограмирање на долгови и трошоци на јавни претпријатија.

Со овие законски решенија се предлага за сите предмети дадени за извршување до крајот на 2017 година, да бидат отпишани сите камати на граѓаните-должници кон јавни и државни претпријатија, или државни органи и установи, и репрограмирање на главницата на долгот, како и отпис на камати и репрограмирање на долгови и трошоци на јавни претпријатија, со кој се предвидува надминување на проблемите на јавните претпријатија основани од општините, особено за долговите преземени од страна на општините.

На оваа седница владата го прифати текстот на Предлог-закон за надворешни работи, кој има за цел реформа на дипломатската служба во насока на нејзина целосна професионализација и приближување кон европските текови за современи дипломатски служби. Овој Предлог-закон прави разлика меѓу надлежностите и принципите на работа, како и правата и обврските од работниот однос на дипломатите и на административните службеници во Министерството.

Со новото законско решение се предлага бројот на шефовите на дипломатско конзуларните претставништва од кариерните дипломати да биде 80%, а посебно внимание е посветено на структурата и раководењето со организационите единици во Министерството.

Со овој предлог-закон се предлага формирање на тело Колегиум, кое има надлежности во спроведувањето на насоките на министерот за остварување на стратешките цели во надворешната политика, заземањето ставови како и политиката за управување со човечки ресурси.

Владата на Република Северна Македонија донесе одлуки за давање согласност на Договорот за доделување на државна помош на Друштво за производство и трговија ДУРА АУТОМОТИВЕ СТРЕКЧЕРС ДООЕЛ и на ДУРА АУТОМОТИВЕ ЕКСТРУЖОНС ДООЕЛ, кои во Технолошка индустриска развојна зона Скопје 2, ќе отворат две фабрики, во кои заедно со првата фабрика, која веќе го започна првото пробно производство во зоната Бунарџик, трите фабрики на компанијата гигант во автомобилската индустрија, ДУРА Аутомотив Системс, ќе вработуваат околу 1000 наши сограѓани.

Владата на Република Северна Македонија денеска ја донесе Стратегијата за развој на енергетиката во Република Северна Македонија до 2040 година.

Стратегијата за развој на енергетиката на Република Северна Македонија до 2040 година ги дава правците на развојот на енергетиката во земјата земајќи ги предвид движењата на енергетските политики во светски и европски рамки и особено во рамките на Европската енергетска заедница кои ја нагласуваат поамбициозната транзиција кон нискојаглеродна економија, при што, обновливите извори на енергија (ОИЕ) и енергетската ефикасност (ЕЕ) се меѓу најважните фактори. Стратегијата го трасира патот за остварување на следната визија на сигурен, ефикасен, еколошки и конкурентен енергетски систем што е способен да го поддржи одржливиот економски раст на земјата.

На денешната седница е утврден и Предлог-законот за јавниот интерес во културата кој создава правна основа за остварување на развојот на културата во сите сегменти на уметничкото и културно живеење.

На оваа седница на Владата е разгледана и прифатена Информацијата за потребата од давање овластување за склучување на нов Колективен договор за култура и е донесен заклучок министерот за култура Хисни Исмаили да го склучи новиот Колективен договор за културата во име на Министерството за култура кое доби задолжување да обезбеди дополнителни финансиски средства во износ од 266.979.365 денари врз основа на согласноста за усвојување на новиот Колективен договор во културата и одредбите кои се однесуваат на коефициентите за вработените во културата да започнат да се применуваат најдоцна до 1.07.2020 година.

На предлог на Министерството за труд и социјална политика Владата денеска го донесе Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување за 2020 година за кој оваа година се испланирани 1,3 милијарди денари, односно 200 милиони повеќе од 2019 година, мерки кои дадоа исклучително добри резултати со намалување на бројката на невработени за 5,6% за само две и пол години.