24/04/2024
Македонија

Државниот секретар Николиќ во работна посета на германското сојузно министерство за одбрана

На почетокот на одбранбените консултации, германската делегација информираше за одлуката на германската Влада да го поддржи членството на нашата земја во НАТО, факт кој ја потврдува безрезервната германска поддршка за нашата земја искажана многупати, и тоа низ конкретни мерки и активности.

Двете делегации разговараа за актуелни теми од доменот на одбраната и безбедноста, за безбедносната ситуација во Европа и Западниот Балкан, случувањата во НАТО-контекст како и процесот на пристапување на Македонија во Алијансата.

Дополнително, на одбранбено – политичките консултации стана збор и за Заедничката безбедносна и одбранбена политика на Унијата, за меѓународните мисии и операции и за придонесот на двете земји во овие мисии.

За време на работната посета на Германија беа потврдени одличните билатерални односи и одбранбената соработка меѓу двете земји и беше изразена подготвеност за нивно продлабочување.

Во Германија, државниот секретар Николиќ се сретна и со парламентарниот државен секретар во сојузното министерство за одбрана, Томас Силберхорн.