29/03/2024
Македонија

Заврши програмата „Македонија чита“ на 24. Саем на книгата во Пула

Со денешното претставување на портретот на писателката Лидија Димковска и синоќешниот поетско-музички перформанс на поетот Никола Маџиров и на познатиот истарски музичар Дарио Марушиќ, под модераторство на писателот Владимир Јанковски, во Пула, Република Хрватска се заокружи претставувањето на Македонија и македонското современо творештво на 24-тото издание на реномираната манифестација Саем на книгата …

saem_pula

Регионалната програма „Македонија чита“, која беше посветена на  творештвото на македонскиот драмски писател Горан Стефановски, започна со промоцијата на книгата „Одисеј и други драми“ – прво негово дело преведенo на хрватски јазик.

За големината на неговото творештво, пред многубројната публика говореа писателот Емир Имамовиќ-Пирке, познатата српска актерка Мирјана Карановиќ, босанскиот режисер Дино Мустафиќ, професор Борислав Павловски, преведувач на драмите од Стефановски, и Роберт Алаѓозовски, писател и национален координатор за култура во Кабинетот на претседателот на Владата на РМ. За време на промоцијата беше емитуван и краткиот филм „Name of the Game”, додека актерката Карановиќ читаше извадоци од театарските изведби на претставите „Диво месо“ и „Одисеј“.

nokola.madzirov

Професорката Елизабета Шелева, познатата хрватска поетеса Дорта Јагиќ, Матеја Демшиќ од Одделот за култура при Град Љубљана и познатата хрватска професорка, активистка и феминистка Бијана Кашиќ беа дел од тркалезната маса насловена „По слободата“. Писателката Румена Бужаровска, пак, учествуваше во програмата „Поп-лектира“ во чии рамки пред публиката беа претставени современи автори од младата генерација. На тркалезната маса на тема „Македонија: Слобода“ модерирана од писателот Емир Имамовиќ-Пирке, за актуелните состојби во македонското општество и за современата македонска книжевност, пред многубројната публика дискутираа професор Елизабета Шелева, поетот и есеист Љуљзим Хазири и Румена Бужаровска.

Саемот на книгата во Пула  ќе биде отворен до 9 декември.