28/03/2024
Македонија

Заев: Покачувањето на минималната плата на 14.500 денари ги враќа парите кај граѓаните и ја заштитува најранливата категорија граѓани

Во свечената сала на Владата на Република Северна Македонија денеска се одржа состанок, на кој премиерот Зоран Заев, заменик на претседателот во Владата задолжен за економските прашања Кочо Анѓушев и министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, заедно со претставниците на Синдикатите, Организацијата на работодавачите и Стопанските комори договорија новата минимална плата во нашата земја да изнесува 14.500 денари.

„Пред точно две години, во 2017 година минималната плата ја покачивме за 3.500 денари и до денеска таа изнесува 12.507 денари, а од сега натаму таа ќе порасне за уште 2.000 денари и ќе изнесува историски највисоки 14.500 денари“, рече премиерот Заев, додавајќи дека од 2017 година, кога Владата започна со процесот на враќање на парите кај граѓаните, со постојана анализа на ефектите од првото покачување на минималната плата, се препознаваат добрите страни и се констатира трендот за економски раст, и дека оваа одлука е донесена по исклучително конструктивна дебата меѓу  партнерите за социјален дијалог.

Осврнувајќи се на Законот кој се усвои во 2017 година и со кој за прв пат се изедначи минималната плата и за работниците во текстилната и кожарската индустрија со другите гранки, премиерот Заев подвлече дека со тоа се исправи голема социјална неправда и се обезбеди еднаквоста и бенефитот, да важи за сите, пред државата.

Премиерот Заев оцени дека покачувањето на платите треба да се гледа и во координација со новиот Закон за субвенционирање на придонесите кој се наоѓа во Собранието и дека Владата продолжува да го одржува социјалниот дијалог со Синдикатите и работодавачите, со мерки кои обезбедуваат повеќе пари кај граѓаните, повисоки плати и подобар животен стандард. Тој додаде дека во овој правец за одржување на стабилен и позитивен тренд на раст на платите и за повеќе пари во семејните буџети, придонесува и приближувањето на Северна Македонија кон членството во НАТО и интеграцијата во Европската Унија.

Вицепремиерот за економски прашања д-р Кочо Анѓушев посочи дека со ова покачување минималната плата ќе биде во рамките на минималната плата дефинирана со закон и во други земји во регионот, аспиранти за членството во Европската Унија. Минималната плата во Босна и Херцеговина во моментот е 208 евра, во Албанија изнесува 211 евра, во Црна Гора е 222 евра, додека во Србија е моментално 230 евра.

„Растот на платите е предизвикан од реалната економија и од реалните економски состојби во државата. Минималната плата се дефинира од страна на Владата како законско решение, како и  во другите држави во регионот, а нивото на минимална плата коешто сега го дефинираме во висина од 14.500 денари е во принцип  ниво, кое е приближно исто со нивото на  државите од регионот. Дефинирање на оптимално ниво на минимална плата е нешто кое што секоја држава го прави, пред се да ги заштити најранливите категории, односно луѓето кои, од различни причини, немаат голем избор на работните места“, нагласи Анѓушев.

„Денеска навистина оваа одлука е важна не само за Владата туку и за граѓаните. Овие 2.000 денари ќе ја намалат сиромаштијата кај најсиромашните работници“, рече министерката Мила Царовска.

Таа додаде дека дијалогот се води со оние кои ги креираат платите изразувајќи задоволство дека заеднички можат да се постигнат добри резултати за сите категории граѓани.

„Посебно ме радува што договорот го постигнавме во неделата за борба против сиромаштија и сите треба да бидеме горди што вработените со најниските примања ќе имаат плус 2.000 денари во џебот“, додаде Царовска.

Претставниците на Синдикатите, на Организацијата на работодавачи, на Стопанската Комора и на Стопанската комора на Северозападна Македонија ја поздравија одлуката на Владата, и најавија дека трипартитниот дијалог продолжува за подобрување на условите и правата за работа на работниците и дека дебатите за подобрување на стандардот на граѓаните ќе продолжат со оглед на интересот на Владата која покажува дека ги поддржува интересите на стопанствениците и работниците.

За време на настанот претседателката на МАСИТ, Анета Пешева  и извршната директорка на АмЧам, Дијана Десподов се осврнаа на прашањата кои се однесуваат на политиките на поддршка на приватниот сектор и подобрување на условите на одделни професии.