29/03/2024
Македонија

Заев: Ќе поднесам иницијатива за доделување медал за храброст на сите здравствени работници кои се борат против коронавирусот

„Сите лекари, сите медицински сестри се нашите храбри јунаци, кои 24 часа посветено работат на секој пациент. Мене ми е драго што успеваат да извадат луѓе од респиратори, што имаме двојно повеќе капацитети, да нема чекање пред болници,направен е добар план за ротација на медицинските сестри и лекарите, за да може да ги одмараме тие луѓе, но на крајот на денот треба да сфатиме дека од вниманието на сите нас, граѓаните, почитувањето на рестриктивните мерки, најмногу може да им помогнеме“, истакна претседателот на СДСМ Зоран Заев во телевизиско соочување со Христијан Мицкоски на Националниот сервис.

Тој посочи дека има иницијатива за дополнително зголемување на платите на здравствените работници за месец јуни.

„Започна една иницијатива со министерот Венко Филипче како претседател на најголемата политичка партија ме консултираше мене, во Фондот има пари за да ја заокружиме инцијативата со која ќе е дозволено да ги наградиме сите лекари и медицински сестри што и во месец јуни учествувале во борбата против коронавирусот со 10 отсто зголемување платата, порача Заев додавајќи дека во иднина ќе предложи претседателот Стево Пендаровски да додели орден на сите што се борат против коронавирусот.

Како иден премиер ќе предложам и до претседателот на државата за сите што се вклучени во корона кризата и помагаат, нашите херои, нашите лекари, медицински лица да им се додели медал за храброст“, додаде тој.

Заев посочи дека негирањето на целиот труд, работа и пожртвуваност на нашите доктори, медицински сестри од страна на ВМРО-ДПМНЕ е веќе видено, но по 15 јули сите заедно ќе продолжиме сплотено без било каква поделба, на лекарите за да се справиме час поскоро и да бидеме добар пример и на солидарност и на меѓусебно помагање.