29/03/2024
Македонија

Законот за спречување на корупција и судир на интереси влезе во собраниска процедура

Денеска во Собранието на Република Македонија официјално започна постапката за донесување на нов Закон за спречување на корупција и судир на интереси. Овој закон обединува материја од два закони– Законот за спречување на корупција и Законот за судирот на интереси, што всушност претставува и препорака на ГРЕКО да има обединета законодавна рамка за овие две, тесноповрзани материи.

Министерката за правда проф. д-р Рената Дескоска даде образложение на Предлог-законот, во кој се инкорпорирани препораките на ГРЕКО, Извештајот на Прибе и Извештајот на ЕК за напредокот на Република Македонија. Според министерката Дескоска, станува збор за закон којшто е усогласен со она што значи правна рамка на Европската Унија. Корупцијата во овој закон се дефинира на ист начин како што е дефинирана во директивите на ЕУ.

– Главните проблеми кои беа нотирани во Извештајот на Прибе и во извештајот на ЕК, беше прашањето околу изборот и составот на ДКСК, којашто, досегашнот начин на избор и состав на ДКСК според постојниот закон не гарантираше непристрасност и непартиско однесување на членовите на ДКСК, истакна министерката.

Станува збор за комисија каде што се зголемени кретериумите за избор на членовите и претседателот на ДКСК. Веќе се дефинирани областите од коишто можат да бидат избрани членовите и претсетелот на комисијата: правнички, политички, комуниколошки и економски науки, кои според министерката Дескоска се областите кои нудат најдобри познавања на оние коишто би работеле со откривање или спречување на корупција.

Покрај ова, како услов за избор, потребно е и дванаесет години работно искуство по завршувањето на високото образование, од кои осум во области на откривање или спречување на корупција, или владеење на правото и доброто управување.

– Предлагаме да се воведе забрана, лицата коишто ќе бидат членови или претседател на комисијата во последните 10 години да не биле пратеници, членови на влада, донатори на политичка партија или да не вршеле функција во органи на политичка партија. Се обидувме покрај вакво ограничување да се воспостават и формални механизми за учество на лица коишто тесно биле поврзани со политиката или биле активни во изминатите 10 години – потенцира министерката Дескоска.

Предвиден е и транспарентен процес на избор на членови и претседател на ДКСК со учество на граѓанските организации и медиумите. 

По објавениот оглас за членови и претседател на ДКСК, Собранието ќе објави оглас за здруженија на граѓани кои работат во областа на владеењето на правото, доброто управување и  спречување на корупција да се пријават да учествуваат нивните претставници во интервјуто на кандидатите, а ќе присуствуваат и новинарските здруженија, претставници од МАНУ и Интеруниверзитетската конференција, со цел да се овозможи еден транспарентен процес во кои ќе бидат избрани овие лица. По интервјуто кое ќе биде јавно, Собранието ќе ја има обврската да ги избере оние коишто се најдобри – сето тоа под будното око на јавноста.

Особено внимание е посветено и на контролата на финансирањето на политичките партии, донациите и изборните кампањи кои ќе бидат под посебна лупа и на ДКСК, не само на другите државни органи.