23/04/2024
Македонија

Заменикот-министер Максути го отвори на ориентацискиот курс за европската заедничка безбедносна и одбранбена политика

Заменикот-министер за одбрана Беким Максути денеска во Скопје го отвори ориентацискиот курс за европската безбедносна и одбранбена политика, како дел од процесот за стабилизација и асоцијација во Унијата.

Програмата за обука е наменета за земјите од Западниот Балкан, а има за цел да ја поддржи изградбата на национални административни капацитети од доменот на заедничката безбедносна политика на ЕУ.

„Република Македонија ја смета политиката на ЕУ за проширувањето како комплементарна на безбедносната политика бидејќи проширувањето се покажало како најуспешен инструмент за воведување на мир, стабилност, демократија, владеење на правото и просперитет“, рече Максути. Додаде дека со заеднички фокус и здружени напори, ЕУ ќе биде поефикасна и посилна, зашто безбедносните предизвици бараат координирана акција.

„Македонија е успешен пример на Заедничката безбедносна и одбранбена политика, трансформирајќи се за релативно краток временски период од земја – корисник на првата воена операција на ЕУ, во земја контрибутор кон светскиот мир и безбедност учествувајќи во операции предводени од НАТО, ЕУ и ОН“, рече заменикот- министер и порача дека државата останува посветена на градењето мостови на добрососедство и соработка во регионот.

Заменикот министер истакна дека иницирањето на овој значаен настан е доказ за посветеноста на Европската Унија кон регионот и потврда на евро-интегративните напори на Македонија и целиот регион. „Наспроти сите предизвици на минатото, нашиот регион успеа непоколебливо да чекори напред докажувајќи дека единствената перспектива за него е европската“, заклучи заменикот министер Максути на отворањето на обуката.

Максути се заблагодари на австриското претседателство со Унијата, како организатор на обуката и истакна дека благодарејќи на австрискиот ангажман, министерствата за одбрана на земјите од Западниот Балкан неодамна потпишаа Заедничка декларација за соработка во повеќе сегменти на заедничката безбедносна и одбранбена политика.

Од Република Македонија на овој курс учествуваат претставници од Министерствата за одбрана, за надворешни и за внатрешни работи, Секретаријатот за европски прашања, Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации. На овој втор циклус обуки му претходеше задолжителен e-learning модул, а истиот во ноември во Виена продолжува со третиот напреден модул.