28/03/2024
Македонија

Заменик министерот Нухиу на конференција во Братислава

Заменик министерот за внатрешни работи д-р Агим Нухиу денеска учествува на министерска конференција на земјите од иницијативата на т.н. Салзбуршки форум, што во организација на словачкото претседавање со Форумот се одржува во Братислава, Република Словачка, а е посветена на теми од областа на миграциите, азилот како и борбата против криумчарењето и трговијата со дрога, оружје и луѓе.

Заменик министерот Нухиу ги презентираше актуелните состојби во Република Македонија околу борбата против илегалната миграција, односно криумчарење мигранти.

Република Македонија и порано и сега изразува целосна поддршка за сите заеднички иницијативи – формални и неформални – во справувањето со миграциските предизвици и борбата против криминалните појави кои се нужна последица на миграцијата, особено што успехот на секоја држава зависи од воспоставувањето на ефективни механизми за меѓународна и регионална соработка и размена на оперативни информации.“, нагласи Нухиу.

Заменик министерот Нухиу учествуваше и во работните сесии на Форумот посветени на борбата против криумчарењето и трговијата со дрога, оружје и луѓе.

Покрај ова, а на маргините од Форумот, заменик министерот Нухиу имаше и билатерална средба со министерот за внатрешни работи на Република Словачка, д-р Дениса Сакова, на која што заеднички беше констатирана досегашната извонредна соработка на двете институци, особено во областа на миграциите. Притоа министерката Сакова уште еднаш ја истакна отвореноста на словачката полиција за поддршка и помош при заедничките напори за превенција од илегалната миграција и зедничко обезбедување на нашата јужна граница со Грција.

Салцбуршкиот форум претставува централно-европска владина платформа за мултилатерален дијалог и соработка за прашања во врска со внатрешната безбедност, основан во 2000 година по иницијатива на Австрија, во кој што членуваат и Бугарија, Хрватска, Чешка, Унгарија, Полска, Романија, Словачка и Словенија, а од 2007 година како неформална група на пријатели на Салцбуршкиот Форум од Западен Балкан се и Република Македонија, Република Србија, Република Босна и Херцеговина, Република Црна Гора и Република Албанија.