26/04/2024
Македонија

Заменик министерот Нухиу на Третата меѓународна конференција “Профилирање и идентификација на странски борци-повратници“

“Странските борци се поврзуваат со меѓународните терористички мрежи и поради тоа се сметаат за терористичка закана по враќањето во нивната држава на потекло или вообичаено живеење“, рече меѓу другото, заменик министерот за внатрешни работи д-р Агим Нухиу во своето денешно обраќање на отварањето на Третата меѓународна конференција за менаџирање и преговори во кризни ситуации предизвикани од насилен екстремизам и радикализација тематски насловена како – “Профилирање и идентификација на странски борци-повратници“, што во организација на МВР и мисијата на ОБСЕ во Република Македонија денес и во наредните три дена се одржува во Охрид.

“Согледувајќи ја природата на овој глобален феномен, Министерството за внатрешни работи се посвети на остварување активности во насоки на спречување на трансфер на странски борци кои имаат намера да вршат напади на цели низ Европа; потоа детектирање на евентуални врски помеѓу терористите со криминалните мрежи кои го „олеснуваат“ криумчарењето на безбедносно-ризични лица; како и за зајакнување на меѓународната соработка, како клучна алатка за рана детекција и навремено попречување на овие безбедносни ризици и закани“, нагласи Нухиу.

На конференцијата покрај претставници на полициите на земјите од регионот, присуствуваат и претставници од повеќе високообразовни институции од сферата на безбедноста, невладини граѓански здруженија, како и претставници од други институции.