18/04/2024
Македонија

Започна со работа мешовитиот управувачки комитет помеѓу Владите на Македонија и Германија

Денес, во Владата на Република Македонија, се одржа првиот состанок ма мешовитиот управувачки комитет помеѓу Владите на Република Македонија и Сојузна Република Германија, тело кое е формирано на германска иницијатива, а во насока на интензивирање на соработката на двете земји во економското поле.

Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев, кој е претседавач на телото од македонска страна истакна дека Република Македонија и Сојузна Република Германија имаат одлична економска соработка, Германија е прв трговски партнер на нашата земја и една од ретките со кои остваруваме суфицит во трговската размена.

„Целта на заедничкиот управувачки комитет е да ја забрза и подобри соработката на економско поле помеѓу Македонија и Германија, комуникацијата да биде подиректна, полесна и поедноставно да се надминуваат административните и бирократските бариери. Се разгледуваат три главни теми, од кои првата е зголемување на соработката во индустриското производство, односно да обезбедиме поголем извоз на македонски производи на германскиот пазар, како и поинтензивен трансфер на знаења и технологии од Германија во нашата земја. Воедно се разговараше и за можности за инвестиции од Германија во Република Македонија, да се зголеми бројот на инвеститори во нашата земја. Втората област на соработката е во изградба на инфраструктура, за проекти со особена важност за квалитетот на живото на граѓаните, каде очекуваме поддршка од финансиските институции од СР Германија. Третата област на соработка е образованието, каде што ќе се обидеме да ги пренесеме позитивните практики од германската страна за практично образование, образование кое е насочено кон индустријата и создавање на квалификуван кадар за потребите на странските и домашните компании“, нагласи вицепремиерот Анѓушев.

Претседавачот на Комитетот од германска страна, г-дин Хелге Толксдорф од Сојузното министерство за економија и енергетика на СР Германија, потенцираше дека фокусот на соработката ќе биде ставен на компаниите кои работат во Македонија, но и на други институции, како КФВ банката, една од водечките банки во регионот, која спроведува проекти во земјата. Поддршка на овој процес ќе дадат германскиот Комитет за економска соработка во Источна Европа и Делегацијата на германското стопанство во Македонија.

„Овој управувачки комитет се вклопува во стратегијата на германската сојузна влада, во однос на соработката со земјите од Западен Балкан. Веќе се организирани четири конференции со земјите од регионот, следува конференцијата во Полска наредната година, на кои што се разговара за агендата за поврзување, но и формирање на регионална економска соработка. Македонија е еден од главните столбови на нашата стратегија, со оглед на фактот дека тука веќе функционираат повеќе успешни германски компании и постои се поголем интерес на германски компании за инвестирање во земјата. Германските инвеститори сакаат да дојдат во земјата, да се задржат младите луѓе во земјата, да се спречи одливот на мозоци од Република Македонија“, додаде Толксдорф.