28/03/2024
Македонија

Изградбата на новиот Универзитетски клинички центар во општина Ѓорче Петров ќе стартува на почеток на следната година

Изградбата на новиот Универзитетски клинички центар во Општина Ѓорче Петров ќе стартува на почеток на следната година, ќе биде завршен за седум години, а целиот проект ќе чини 500 милиони евра, пари што ќе се обезбедат со кредит од комерцијалните банките „Ерсте груп“, „Рајфајзен Банк“ и „Уникредит“, кои доставиле најдобра понуда, информира денеска министерот за здравство Венко Филипче на средба со новинарите.

– Министерството за финансии испрати 18 барања до меѓународни инвестициски фондови и комерцијални банки, рече Филипче, додавајќи дека шест одговориле, а е избрана понудата од банките „Ерсте груп“, Рајфајзен Банк и „Уникредит“ како најповолна.

Министерот појасни дека изградбата на Клиничкиот центар ќе се одвива во три фази и дека првата фаза би завршила по 3,5 години, а последната по седум години, при што посочи дека имотно-правните односи на местото каде што ќе се гради новиот Клинички центар се расчистени, а земјиштето е целосно во државна сопственост, односно нема да има експопријација.

Најнапред се планира да се префрлат хируршките клиники, операционите сали и ургентниот центар, а потоа и клиниките за гинекологија, за педијатрија и за онкологија. На почетокот на август ќе почне постапката со конкурентен дијалог, појаснувајќи дека тоа ќе значи дека во тендерската постапка ќе се вклучи и проектирањето, изградбата, опремувањето, ставањето во функцијата и тренингот на персоналот кој треба да работи во новиот објект.

– Во Министерството за здравство направивме тим кој веќе подолго време работи на анализа на законите, ќе се оди според членот 53 на Законот за јавни набавки и ние сме подготвени тоа да го започнеме на почетокот на август, рече Филипче и додаде дека физибилити студијата е готова и наскоро ќе биде ставена на јавен увид.

Клиничкиот центар е најважен капитален објект од значење за целата држава, што ќе има модерен начин на давање здравствена услуга, односно сѐ ќе биде на едно место.

Владата на вчерашната седница го усвои предлогот за изменување на Уредбата за мрежата на здравствени установи, со што, се трга ограничувањето на отворање аптеки и специјалистички ординации, кои можат да склучат договор со Фондот за здравствено осигурување, согласно финансиските можности на фондот, а при тоа, се задржуваат критериумите за квалитет.