19/04/2024
Македонија

Израелската амбасада донираше 48 специјални колички за деца на Детската клиника во Скопје

На Меѓународниот ден на лицата со попречености, Израелската амбасада донираше 48 специјални колички за деца.

Министерот за здравство д-р Венко Филипче, на денешната прес-конференција се заблагодари за донацијата, и заедно со амбасадорот Дан Ориан дел од количките им ги предаде на Детската клиника во Скопје.

„Предизвиците на Министерство за здравство се да ги отстрани сите видови бариери, за овие лица, да создаде развој и поголема достапност на нови сервиси за поддршка, подигнување на капацитетот на сите институции и нивна поголема вклученост во општеството“, рече министерот Филипче.

Пет од овие колички ќе бидат распределени на Универзитетската клиника за детски болести, дел ќе одат на Детска хирургија, во Клиничките болници Битола, Прилеп и Штип, во Завод за рехабилитација-Скопје, но и во други здравствени установи низ земјава.

„На мое големо задоволство денес една од овие колички ќе биде донирана на едно детенце со dg.Paralysis cerebralis, Epilepsija. Детето е дел од едно големо семејство од 12 членови, од селото Брест-скопско“, изјави министерот Филипче и додаде дека оваа донација оди на вистинското место и во вистинско време.

Приоритет на Министерството за здравство се децата и нивната благосостојба.

„Задоволство ми е што дониравме специјални колички за децата. Веруваме дека ќе им го олесниме секојдневнието“, рече амбасадорот на Израел, Дан Ориан.

Оваа донација е многу важна, бидејќи количките ја олеснуваат мобилноста и движењето на децата пациенти во болнички услови.

„Благодарна сум на оваа донација, навистина многу ни значи, поради тоа што ќе помогнеме на дечиња кои не се во можност да одат сами. Но, ќе биде олеснување и за нивните родители. Кочичките се лесни, што го олеснува управувањето со нив. Искрено се надевам дека нашата соработка ќе продолжи и понатаму. Израелската амбасада е наш пријател и пријател на дечињата во болницата“, потенцираше директорката на Универзитетската клиника за детски болести, Катерина Ставриќ.

Министерство за здравство се заблагодарува на Израелската амбасада за оваа неопходна донација. Соработката продолжува и во следниот период.