28/03/2024
Македонија

Комисијата за демократско партнерство на Претставничкиот дом на Конгресот на САД до премиерот Заев: Време е да се потврди волјата на гласачите за нивно поврзување со Западниот свет

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев прими писмо од Комисијата за демократско партнерство на Претставничкиот дом на Конгресот на САД, (House Democracy Partnership) потпишано од Питер Роскам, претседавач од Републиканската партија и Дејвид Прајс, заменик претседавач од Демократската партија, во име на 20 конгресмени, Републиканци и Демократи.

Комисијата за демократско партнерство е постојано тело на Претставничкиот дом при Конгресот на САД, кој го сочинуваат 20 американски конгресмени од двете најголеми партии – Републиканската и Демократската. 

Конгресмените од  Комисијата за демократско партнерство на Претставничкиот дом на Конгресот на САД, чиј мандат е да соработува со земјите партнери на САД за развој на ефикасни и одговорни институции, во писмото до премиерот Заев и до Владата изразуваат честитки за големото мнозинство гласови „ЗА“ на референдумот и нагласуваат дека американскиот Конгрес останува цврсто со граѓаните на Република Македонија во нивните аспирации за членство во НАТО и ЕУ.
 
Во писмото на Комисијата за демократско партнерство на Претставничкиот дом на Конгресот на САД се упатува охрабрување за пристапување кон уставните измени кои се неопходни за спроведувањето на Договорот од Преспа и „покрај предизвиците после референдумот меѓу кои и отворените и прикриените руски напори да го поткопаат Договорот”.

„Демократијата не е само одржување на слободни и фер избори, туку она што се случува меѓу два изборни циклуса. Сега е време светот да ја види енергијата на демократијата во Македонија, преку потврдување на волјата на гласачите за нивно поврзување со Западниот свет“, се вели во писмото на Комисијата за демократско партнерство на Претставничкиот дом на Конгресот на САД.

Американските конгресмени во писмото до премиерот Заев нагласуваат дека спорот за името со Грција предолго стоеше на патот на евро-атлантските интеграции кои значат придобивки за македонските граѓани, и дека е време да се стават ваквите спорови настрана, преку заложување за конечен напредок.

Потписниците на писмото истакнуваат дека Конгресот на САД останува и понатаму посветен на билатералните односи меѓу двете земји и инспириран од демократскиот пат по кој одат граѓаните на Република Македонија.