29/03/2024
Македонија

МЗШВ: Реализираме капитални проекти, ги зголемуваме наводнуваните плодни површини, создаваме конкурентно земјоделско производство

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство реализира низа капитални проекти во водостопанството, со цел зголемување на наводнуваните земјоделски површини, што крајно ќе придонесе за поконкурентно и зголемено земјоделско производство. 

Со ребалансот на Буџетот, во делот на водостопанството се обезбедија дополнителни средства од над 23 милиони денари за Проектот за наводнување на Јужната долина на реката Вардар 2 фаза, со што се овозможува почетокот на изградбата. Дополнително со ребалансот се обезбедија нови 20 милиони евра за капитални проекти во делот на водоснабдувањето кои ќе отпочнат со реализација следната година. 

Во моментот градежните активности за системот за наводнување „Равен – Речица“ полошкиот регион се во полн ек. Со овој систем се овозможува наводнување на над 3.300 хектари земјоделска површина во општините Гостивар, Врапчиште, Боговиње и Тетово. Вкупната вредност на инвестицијата за реализирање на главниот доводен цевковод од системот за наводнување “Равен – Речица“ изнесува околу  975 милиони денари. Изградбата ќе се реализира во две фази и се очекува да трае 5 години. Реализацијата на овој капитален проект се финансира со средства од Буџетот на Република Македонија, преку Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој.

Паралелно, интензивно се гради и браната Конско, во гевгелискиот регион, каде што во оваа фаза од градежните активности градилишната населба, амбуланта и теренска лабораторија се веќе во функција. Со оваа брана, од сегашните 1.500 хектари, наводнуваните површини ќе се зголемат на околу 8.000 хектари. Висината на оваа инвестиција изнесува 40 милиони евра, обезбедени од буџетот на МЗШВ.

Во завршна фаза се преговорите со потенцијалниот понудувач односно изведувач на Програмата за наводнување на Јужната долина на реката Вардар 2 фаза по што ќе започне изградбата на системот за наводнување од Удово до Страиште, со кој ќе се наводнуваат нови над 2.000 хектари земјоделски површини во валандовскиот регион.

Неодамна, германската развојна банка KfW, и обезбеди на Македонија нови 20 милиони евра за реализација на проектите  „Програма за наводнување на јужната вардарска долина фаза 3“ и „Повеќенаменски ХС Лисиче“ 2 и 3 фаза. Овие два проекти од областа на наводнувањето се од исклучително значење за велешкиот и валандовскиот регион. Нивната реализација директно ќе влијае врз зголемување на наводнуваните површини во овие региони и врз подобрување на конкурентноста на земјоделството.

За 10-тина дена завршува реконструкцијата на системот за наводнување Врсаково во штипско. Станува збор за инвестиција во вредност од 40.000 евра. Овој систем за наводнување стои руиниран 20 години, сега со реконструкцијата ќе се обезбеди наводнување на нови околу 250 хектари земјоделски површни.

Интензивно се одвиваат градежните работи на браната на Оризарска река. Во завршна фаза е изградбата на патот до телото на браната, активно се работи на асфалтирањето и потоа почнува изградбата на браната. Со изградбата на оваа брана ќе се реши водоснабдувањето на повеќе населени места во општините Кочани, Виница и Чешиново-Облешево.
Исто така преку ИПА 2015 програмата на ЕУ, се одвива преку Проектот за „Мали економични и еколошки системи за наводнување“, во износ од 1,8 милиони евра. Во завршна фаза е проектирањето на 3 од 8 мали системи за наводнување, за кои до крајот на годината треба да се распише тендер за изведба. Идната недела започнува со проектирање уште на 2 системи за наводнување.