28/03/2024
Македонија

МЗШВ: 39 понуди ги исполнија условите за јавниот повик за доделување државно земјоделско земјиште над 3 хектари

Заврши јавниот повик за доделување државно земјоделско земјоште над 3 хектари. Во рамки на повикот пристигна 51 понуда од кои 39 понуди се со уредна докумениција и ги исполнија пропишаните услови, додека 12 од апликантите се одбиени поради неисполнување на условите во огласот. Понудениот вкупен инвестициски фонд на овие 39 прифатливи понуди е 15,5 милиони евра.

Сите понуди што ги исполнија условите освен подигање на насади и одгледување на едногодишни култури, содржат и капитални инвестиции во објекти за примарна обработка на земјоделски производи како винарии, кланички капацитети, центри за преработка на овошје и зеленчук, откупни центри, млинови, оранжерии и други објекти тесно поврзани со земјоделско производство.

„Покрај инвестицискиот фонд, бизнис планот на компаниите со понуди кои ги исполнија условите предвидува и отворање на околу 100-тина нови работни места во агросекторот. Преку ваквите огласи јасно се гледа заложбата на министерството и Владата за зголемување на капиталните и инфраструктурните инвестиции во земјоделството и руралниот развој, што ќе придонесат за економски развој на регионите и за отворање на нови работни места“, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.

Од овие 39 понуди, за одредени локации има по еден понудувач но за поактрактивните и по повеќе. Формалната обработка на понудите од страна на Комисијата формирана од Владата е завршена и во следниот период ќе следува електоронското јавно наддавање за парцелите а потоа склучување на договорите, во кои ќе бидат вградени бизнис плановите и изјавата заверена на нотар во која што стои вкупната инвестиција што треба да биде реализирана. Обврската на оние кои ќе поминат на електорнското јавно наддавање е во рок од 5 години да ја реализираат инвестицијата. МЗШВ и Државниот инспекторат за земјоделство активно ќе ги следат сите договори и нивната реализација. Министерот Николовски посочи дека паралелно се подготвува и нов ваков инвестициски оглас врз основа на ослободени атрактивни парцели кои ќе бидат предмет или на редовен оглас или на инвестициски.

Инвестициите од ваков тип се од исклучително значење за производство на конкурентните земјоделски производи, решавање на откупот и на вишоците земјоделски производи. Во оваа насока МЗШВ континуирано работи на воспоставување соработка помеѓу примарните институции во земјоделството и руралниот развој и примарните производители и преработувачки капацитети.