28/03/2024
Македонија

Министерката за одбрана Шекеринска ги награди припадниците на Баталјонот за почести, по повод Денот на единицата

По повод Денот на Баталјонот за почести, министерката за одбрана Радмила Шекеринска ги награди припадниците на единицата за вложениот труд, покажаните резултати и професионалниот однос во извршувањето на задачите. Наредбата за наградите беше прочитана на денешната свечена церемонија на промена на државните знамиња пред Владата на Република Македонија, со која Баталјонот за почести го одбележа Денот на единицата, 11 Ноември. Свечената церемонија на замена на знамињата пред Владата на Република Македонија беше извршена во присуство на министерката за одбрана Радмила Шекеринска која ги поздрави и им честиташе на гардистите на АРМ.

Оваа година Баталјонот за почести работно го одбележа Денот на единицата 11 Ноември. Покрај церемониите за промена на државните знамиња пред Владата на Република Македонија и пред резиденцијата на Претседателот на Република Македонија, припадниците на баталјонот организираа повеќе настани како промоција на првата македонска офицерска сабја, промоција на книгата Почесна гарда на АРМ од м-р Иван Атанасоски, крводарителна акција во ГОБ 8 Септември, по втор пат се реализираа Гардиски игри во касарна Илинден, а делегација од Баталјонот попладнево ќе ја посети Детската клиника во Клиничкиот центар каде ќе им посакаат побрзо оздравување на децата, ќе им подарат скромни подароци и ќе им пренесат поздрави од сите гардисти.

Денот на единицата оваа година се поклопува со 75 годишнината од формирањето на славната Прва македонско косовска ударна бригада чии традиции ги продолжува Баталјонот за почести.