20/04/2024
Македонија

Министерот Спасовски на меѓународна министерска конференција “Високотехнолошки криминал и информатичка безбедност“ во Белград

“Нема сомнеж дека во последните неколку години, сајбер заканите се меѓу најзначајните безбедносни закани врз современите општества, што е основна причина истите да се третираат како интегрален дел од националната и меѓународната безбедност“, истакна меѓу другото министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, во своето обраќање на меѓународната министерска Конференција посветена на темата – “Високотехнолошки криминал и информатичка безбедност“ што денес и утре се одржува во Белград а во организација на спрското министерство за внатрешни работи.

Презентирајќи ги активностите што македонската полиција, но и другите надлежни институции ги превземале и превземаат во оваа област, министерот Спасовски посебно ги посочи нормативните промени целосно хармонизирани и во соработка со ЕУ, како и Националната страгија за сајбер безбедност 2018 – 2022 година, која што служи како патоказ за развој на сигурно, безбедно, доверливо и отпорно дигитално окружување, поддржано од квалитетни капацитети, кои се базираат на доверба и соработка во полето на сајбер безбедноста.

“Нашето министерство се фокусира на развивање на капацитетите за обезбедување на електронски докази и информации во електронска форма со цел поддршка на сите истраги кои што се водат во рамки на инстиуцијата“, нагласи Спасовски, притоа посочувајќи го Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР како клучен во превенцијата и борбата против овие обици на криминал.

“Независно од низата меѓународни признанија за покажаната ефикасност и професионалност во водењето на истраги како на национално, така и на меѓународно нив, наша цел е континуирано унапредување на капацитетите на овој Сектор во насока на истражување на компјутерскиот криминал, дигиталната форензика“, потенцираше Спасовски.

Република Македонија и Министерството за внатрешни работи продолжуваат да бидат активен дел од широкиот фронт заедно со нашите соседи и партнерските држави и посебно со ЕУ и нејзините институции, како наш стратешки партнер. “Со цел постигнување на добри резултати во иднина, сметам дека е неопходно продолжување на соработката во сите наведени сегменти при што посебно ја нагласувам важноста на редовна размена на информации на национално и меѓународно ниво“, рече Спасовски.