25/04/2024
Македонија

Министерот Филипче: Во периодот од 01.01 до 31.06.2018 година евидентиран е пад од 6,7% на смртноста кај новороденчињата во однос на претходната година истиот период

Изјава за медиумите на министерот за здравство, Венко Филипче,

15.07.2018 год.

Почитувани претставници на медиумите,

Мерките кои ги спроведе Владата на Република Македонија и Министерството за здравство во делот на намалување на смртност кај новороденчињата даваат одлични резултати.

Во периодот од 01.01 до 31.06.2018 година евидентиран е пад од 6,7% на смртноста кај новороденчињата во однос на претходната година истиот период.

Статистиката вели дека годинава во првите шест месеци имаме 57 починати новороденчиња, од кои 61,4% се работи за возраст на починатите новородени од 22ра до 28ма гестациска недела. Тоа се незрели новородени под 28 гестациска недела, од кои пак половината од нив се под 25-та гестациска недела, што секаде во светот се новородени на граница на живот и смрт. Над 37ма гестациска недела има само 3 починати бебиња, од кои 2 беа со тешки вродени аномалии на повеќе органи и органски системи.

Значително е зголеменото  преживувањето во групата од 29-36 гестациска недела  во која очекуваме поголема виталност и поголемо преживување со понизок степен на оштетувања, кој понатаму потенцијално значат и подобар квалитет на живот за овие деца.

Во оваа прилика како успех сакам да го напоменам и преживувањето на најмладото новороденче во регионов од само 23 гестациски недели и 3 дена и родилна тежина од 2450 грама.

Трендот на намалување на смртноста кај новороденчињата се должи на неколку фактори:

Обновување и осовременување на апаратурата за работа благодарејќи на донацијата од Владата на Република Македонија, која речиси во првите денови од мандатот донираше 16 високо квалитетни инкубатори. Во моментов во тек се и тендери за набавка на нова апаратура: високо-фреквентен респиратор, два апарати за неинвазивна вентилација, ситни медицински апарати кои се важни за правилна терапија на бебињата. Дополнително, голем процент од новороденчињата се предвремено родени поради инфекција на мајката што витално ги загрозува. Во тек е тендер за набавка на апарат кој ќе врши подобра и побрза дијагностика, односно за само 2 часа од земањето материјал ќе бидеме во можност да го изолираме причинителот и да имаме антибиограм за соодветен избор на антибиотик.

Со поддршка од Министерството за здравство кадровски е зајакнат одделот и доекипиран. Веќе почнаа со работа нови сестри и лекари кои позитивно влијаат врз квалитетот на работата на одделот. Дополнително, целиот оддел е реорганизиран, со цел да обезбеди поголема ефикасност во работата.

Осовременети и нови протоколи за работа се имплементирани, а засилено е и придружувањето кон истите, при што акцент е ставен на помалку инвазивен пристап секаде каде што тоа е можно, согласно светските трендови. Следнава недела ќе биде и официјализирано финалното упатство за примарна пост-партална хеморагија, а протокол за работа во случај на пост-партална хеморагија ќе биде истакнато во сите родилишта во земјава.

Препораките кои произлегуваат од Комитетот за безбедно мајчинство и нивното имплементирање, обуките за ефективна перинатална заштита, како и подобрените услови за работа придонесуваат за намалување на новороденечката и мајчината смртност, а со тоа и подигнување на услугите и квалитетот на здравствена заштита.

Во моментов се работи на организирање дополнителни обуки и едукации на лекарите. Кон крајов на месецот ќе бидат организирани неколку обуки и практични курсеви во Клиника за гинекологија и акушерство од експерти од Универзитетска болница „Мајчин дом”, Софија, Бугарија за педијатри, неонатолози и гинеколози.

Сите досега спроведени обуки и претстојните едукации, воведените најнови протоколи и стандарди врзани за грижа за новороденчиња, подобрените услови за работа и зајакнати тимови, како и зајакнување во делот на опрема, вродува со плод.

Овој успех на намалување на процентот на морталитетот кај новороденчињата е огромен поттик за нас како Министерство за здравство да работиме заеднички и во соработка со граѓанскиот сектор и сите релевантни институции да дадеме се од себе да продолжиме и понатаму со намалување на смртноста кај новороденчињата и мајките.