29/03/2024
Македонија

Мицкоски: Заев на локалните избори ветуваше чист воздух, а една година подоцна нема почист, туку драстично загаден воздух

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на својот Фејсбук профил објави статус и видео од ветувањата на Зоран Заев пред локалните избори минатата година.

-Нови голи факти за безочното лажење на Власта, црното време и манипулациите кои се прават со здравјето на граѓаните. Октомври 2017-та година, Премиерот Заев ветуваше чист воздух затоа што како што самиот велеше “немало слобода и живот без чист воздух”. 13 месеци подоцна иронично, но вистинито, заедно со однесената слобода и одземениот живот, нема почист, туку драстично загаден воздух. Аналогно на ваквата изјава, бидејќи воздухот е презагаден, денес сите ние, со премиер на државата Зоран Заев живееме во држава каде нема слобода и живот. Медиумите објавија дека Европската агенција за животна средина (ЕЕА) државава ја прогласи за најзагадена во Европа. Иако велеа дека имаат прецизен план реалноста покажува дека за цело време немале план, туку желба за манипулација и лажење. И сега кога овие ветувања се распрснуваат како меур од сапуница, сакаат да презентираат некакви мерки, кои всушност и не се делотворни мерки. Се фалат дека оделуваат ниски 1.5 милиони евра за намалување на загадувањето во неколку години, во исто време кога со ребалансот кратат милиони евра од гасификацијата која е приоритетен проект за намалување на загадувањето, пишува Мицкоски.

Тој во својот пост додава и дека се демонстрираат популистички мерки, без волја за коренито решавање на проблемот со загадувањето со новите предложени законски измени со кој нема да се реши загадувањето, но ќе се врши етикетирање на автомобилите, со што ќе се изврши директна класна сегрегација на граѓаните, односно на побогати кои имаат понови автомобили кои не загадувале, и оние од другите категории чии автомобили загадувале. Сетоа ова наликува на класната сегрегација присутна во минатиот век во Варшавското гето, со таа разлика што оваа актуелна власт најверојатно ќе побара од сопствениците на автомобили да си ги платат ознаките, и веројатно по цена по добро разработениот бизнис кој станува заштитен знак за власта, односно 2 евра (за да има евро ваму, евро таму).

И додека населението се труе од загадениот воздух и неподносливата неспособност на Владата, статистиката покажува дека над 1000 луѓе годишно умираат поради респираторни болести кои се последица на загадувањето. Не држат правдањата со броењето на денови, барање на одговори во минатото, оваа власт ветуваше живот и воздух, и оваа власт треба да го реши проблемот. Лагите за чист воздух на власта и нивната неспособност да најдат решение, граѓаните за жал ја плаќаат со своето здравје, а не ретко и со своите животи. Црно време за нашата земја. Овие црнила мора да се запрат додека не биде предоцна.

П.С За ова, но и за се друго, поврзано со промената на името и Уставот, одземањето на достоинството, упропастената економија, сиромаштијата, зголемувањето на даноците, неспособноста, криминалот и корупцијата, протестираме за црнилата, Среда 5-ти Декември 2018та година, протестен марш во 17 часот од плоштад ВМРО до Влада на Република Македонија!