20/04/2024
Македонија

Османи: Влегуваме во клучната година за европските интеграции на земјава

Денес во Владата на Република Македонија, се одржа 40 состанок на Работниот комитет за европски интеграции (РКЕИ), кој го водеше Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи и на кој беа отворени темите поврзани со европските интеграции: објаснувачкиот скрининг, статусот на имплементација на Планот 18, статусот на апсорпцијата на ИПА и распределбата на странска помош итн. На состанокот беше направен пресек на клучните индикатори по кои се следи напредокот во процесот на европската интеграција на нашата земја.

На почетокот на состанокот Османи направи осврт на резултатите од 2018 година оценувајќи ја како  историска од аспект на европските интеграции, при што потенцираше дека и оваа година, европските интеграции остануваат во фокусот на Владата, за што во наредните месеци потребни се конкретни резултати во спроведувањето на реформите особено во приоритетните области: правосудство, реформа на безбедносни служби, реформа на јавна администрација и борбата против корупцијата и организираниот криминал.

„Еден од најважните индикатори за нашата европската интеграција е секако – имплементацијата на План 18. Во таа насока денес ќе ги разгледаме досегашните реализирани активности, ќе ги разгледаме евентуалните предизвици во неговата имплементација и најважно, ќе оформиме реална проценка за негова финализација во периодот до излегувањето на новиот извештај на Европската Комисија, како еден од најважните критериуми за верификацијата на нашиот напредок во европските интеграции“ – истакна Османи, при што од своја страна изрази задоволство од досегашниот успех на овој план, во сите области.

Во продолжение на состанокот беше разгледан и статусот на реализација на обврските од состаноците на телата во рамките на Спогодбата за стабилизација и асоцијација со ЕУ, како основна функција на ова тело, како и статусите на реализацијата на обврските од оценските мисии.

Во рамки на денешниот состанок на РКЕИ членовите на истиот беа запознаени  со досегашниот тек на т.н. набљудувачки скрининг, како и распоредот на Поглавја за оваа година, со оглед на тоа што ова е процес кој овозможува администрација, која е дел од преговарачката структура односно преговарачкиот тим, и сите останати чинители во истиот да се подготвуваат за евентуалниот старт на преговорите.

Работниот комитет за европски интеграции (РКЕИ) претставува највисоко административно тело на Владата во кое членуваат државните секретари на министерствата, претседавачите на Поткомитетите, раководителите на работните групи, Генералниот секретар на Владата, како и дел од администрацијата на Секретаријатот за европски прашања.