25/04/2024
Македонија

Остварена средба со поранешни вработени во Охис – стечајната постапка е завршена, се разгледуваат законските можности за барањата на поранешните вработени

Заменикот на претседателот на Владата, задолжен за економски прашања и координација со економските ресори, д-р Кочо Анѓушев, денеска оствари средба со поранешните вработени од Охис кои штрајкуваа пред Владата незадоволни од спроведената стечајна постапка.

На состанокот е констатирана фактичката состојба: стечајната постапка на Охис е завршена и спроведена од судските и стечајните органи, во процес во којшто Владата немала ингеренции и не се мешала.

Информираме дека Владата е во комуникација со поранешните вработени и ги разгледува можностите во рамките на сопствените ингеренции и законските можности за изнаоѓање на решение за барањата на лицата кои штрајкуваат.

Потенцираме дека Владата не се меша, ниту ќе се меша во судски одлуки, а по обвинувањата од вработените дека постојат сомнежи дека во минатото се правеле злоупотреби на службената должност и се оштетувал имотот на Охис, а со тоа и имотот на државата, сите евентуални злоупотреби и сомнежи треба да бидат пријават и споделат со државните органи кои спроведуваат истражни постапки.

Би сакале да потсетиме дека Владата го донесе Законот за материјално обезбедување на невработени лица поради приватизација на претпријатија со доминантна сопственост на државата, преку кој се обезбедуваат околу 7800 денари или 34% од просечната плата на месечно ниво за лица кои имаат остварено преку 15 години стаж во некоја компанија која била во државна сопственост, право кое го користат околу 8.000 лица, меѓу нив и поранешни вработени во Охис.