24/04/2024
Македонија

Порака од претседателот Стево Пендаровски по повод 1 Мај – Меѓународниот Ден на трудот

По повод 1 Мај – Меѓународниот Ден на трудот, претседателот Стево Пендаровски ја упати следната порака:

„Денот на трудот, 1 Мај, годинава е под товарот на пандемијата предизвикана од ширењето на коронавирусот во глобални рамки. Но истовремено, овој ден не потсетува дека треба уште повеќе да го вреднуваме вложениот труд на сите коишто придонесуваат во нашето општество. Здравствените работници се деноноќно на своите работни места, како и припадниците на полицијата и армијата. Новинарите и медиумските работници, вработените во продажните и услужните дејности, комуналните работници секојдневно се ангажирани надвор од своите домови. За многумина, работните процеси за првпат се организирани на поинаков начин.

Секој 1 Мај ги одбележуваме и  постигнувањата за кои се изборија работниците и синдикалните организации, залагајќи се за пристојни услови за работа и целосно почитување на работничките права. Тешкиот удар врз економијата којшто го нанесе пандемијата е причина повеќе да работиме кон целосно почитување на работничките права, да го споделуваме товарот, како и да покажеме поголема солидарност“.