24/04/2024
Македонија

Потпишан Меморандумот за соработка меѓу Националните координативни центри за интегрирано гранично управување на Република Македонија и Република Косово

Заменик министерот за внатрешни работи Д-р Агим Нухиу со својот колега заменик министерот за внатрешни работи од Косово Иса Џемаили денеска во Владата на Република Македонија учествуваа на работниот состанок помеѓу претставници од Министерствата за внатрешни работи на Република Македонија и Република Косово. Во своето обраќање заменик министерот Нухиу поздравувајќи ја досегашната успешна соработка меѓу двете министерства за внатрешни работи меѓудругото рече дека ,,Квалитетното менаџирање со системот на интегрирано гранично управување како и билатералната и мултилатерална соработката на органите и службите задолжени за граничните работи се базични предуслови за ефикасна гранична контрола и безбедност. Со денешново потпишување на Меморандумот за соработка меѓу Националните координативни центри за интегрирано гранично управување на Република Македонија и Република Косово, практично не само што се воспоставува една поквалитетна нормативна рамка на заедничко делување, туку истовремено се дефинираат оние нивоа и подрачја на соработка меѓу граничните служби на македонската и косовската полиција што се во интерес на безбедноста и проточноста на границата меѓу двете земји,, – истакна заменикот Нухиу. На маргините од средбата меѓу двете делегации беше потпишан Меморандумот за соработка меѓу Националните координативни центри за интегрирано гранично управување на двете држави од страна на заменик министерот за внатрешни работи и национален координатор на центарот за интегрирано гранично управување на Република Косово г. Иса Џемаили и националниот координатор на центарот за интегрирано гранично управување на Република Македонија г. Владимир Пивоваров.