20/04/2024
Македонија

Премиерот Заев и Владата на РМ: Референдумот е точката во која ќе се спојат светлата иднина на нашата Македонија и на нашата Европа

Премиерот Зоран Заев и членовите на Владата на Република Македонија, денеска одржаа прес-конференција по повод одлуката на Собранието на Република Македонија за распишување на референдумот за консултирање на граѓаните и за изјаснување по прашањето „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција?“. 

На конференцијата за медиумите, во име на Владата на РМ, зборуваше премиерот Заев. Неговото обраќање пред македонската јавност ви го пренесуваме во целост:

Почитувани граѓани на Република Македонија,

Вчера Собранието го утврди датумот на референдумот – го имаме Денот кој ќе ја означи пресвртницата во нашата историја. Денот кој е точка на одлука за нашата иднина.

На нас граѓаните, на секој од вас поединечно му е дадена шанса да донесе голема одлука.

Сега е време за одлука!

Сетете се на референдумот од 1991 година, голема одлука на голем, државотворен народ кој се определи за својата иднина во независна држава.

Тогаш покажавме дека сме народ кој учи од историјата. Народ поучен од историјата дека нема да ги повторува нејзините трауми. Дека знае да избере иднина.

Секој од нас е должен да ја преземе одговорноста за својата иднина, а со тоа и за иднината на наша земја.

Вашиот глас е ваше право. Не дозволувајте некој – било кој – да ви го одземе или да го злоупотреби тоа право.

Ве повикувам да докажете дека никој не може да ве поколеба да изберете.

Излезете и изберете.

Јас лично се обврзувам дека ќе го почитувам исходот од вашиот демократски избор, без разлика на резултатот. Тој резултат, таа ваша воља ќе се почитува!

Јас силно верувам во одлуката на нашите граѓани и уверен сум дека Татковината ќе ја биде. Македонија ќе стане членка на ЕУ и НАТО, а македонскиот народ вечно ќе биде македонски народ и вечно ќе зборува македонски јазик. Бидете и вие креатори на таа вечност.

Уверен сум дека со вашиот глас на референдумот нема да дозволите некој Македонија и понатаму да ја држи во заложништво!

Раководството на опозицијата сака да ја попречи и да ја одложи нашата иднина. Тие велат дека би можеле да добијат подобар договор.

Имаа 10 години да направат договор, но поважно им беше да нè држат искарани со сите соседи, додека си играат со стиропор споменици, отколку да изградат иднина. На името ставаа придавки, додавки и загради, без да го заштитат идентитетот македонски. Тајно преговараа додека Македонија ја држеа заробена во неуспех.

Не, драги граѓани, нема да донесат подобар договор оние кои на Македонија ѝ донесоа од лошо-полошо.

Со години бараа референдум, и сега, кога Собранието носи одлука дека треба да се чуе гласот и вољата на граѓаните, истите тие срамно го напуштија Парламентот и бегаат од одговорност.

Ова е време за клучни, историски одлуки за нашата земја, а не време за бегство.  

Уште еднаш: Им се обраќам и на сите чесни членови на ВМРО ДПМНЕ. Вам вратата ви е отворена, исто како што е отворена вратата за успех на цела Македонија и за успех на сите граѓани.

Јас презедов ризик за себе, направив чекор. Затоа што е важно за Македонија и за иднината за Македонија.

Имате и вие обврска како и сите граѓани, да направите чекор, да ја обезбедите иднината на Македонија

Направете го вистинскиот избор. Ова е моментот за одлука. Сега е време за храбри чекори за Татковината, време за патриотски одлуки.

Од денеска тргнуваме силно и никој не може да не сопре. Како никогаш порано, одлучни и решителни, Македонија да успее! И ќе успее!

Наместо мрак, неизвесност, изолација, Ве повикувам да изберете светлина и иднина!

Референдумот е точката во која ќе се спојат иднината на нашата Македонија и на нашата Европа.

Да го направиме овој референдум последен одговор на авторитаризмот.

Јас сум апсолутно уверен дека вашиот збор ќе дојде од препознавањето на местото на нашата земја во Европската Унија и НАТО. Уверен сум дека вашиот збор ќе биде порака за целиот свет дека Македонците, заедно со своите сограѓани, Албанците, Србите, Турците, Власите, Ромите, Бошњаците и другите, направија избор достоинствен за нивната препознаена и призната историја, за нивното место во друштвото на народите.

Ве повикувам сите вас, да гласате слободно и со гордост, да кажете ДА за да ги зграбиме можностите кои ни ги нуди Европската Унија, да кажеме ДА за гарантирана стабилност и безбедност преку членството во НАТО, да кажеме ДА за признаен и потврден национален македонски идентитет, јазик и култура.

Време е за одлука, за нас, за нашите идни генерации, за нашата иднина.

За иднината на Република Македонија!