29/03/2024
Македонија

Премиерот Заев и Генералниот секретар на НАТО Столтенберг: Блиску е денот кога Република Македонија ќе биде земја членка на сојузот кој седум децении обезбедува безбедност и развој на евроатлантскиот регион

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев и Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, денеска одржаа заедничка прес-конфренција на која информираа за заедничките активности во рамките на официјалната посета на Генералниот Секрeтар на НАТО Столтенберг и на делегацијата на алијансата што го придружуваше.

Заедничката прес-конференција се одржа веднаш после работниот ручек на кој премиерот Заев и Генералниот секретар на НАТО Столтенберг, во присуство делегациите на Владата на Република Македонија и на алијансата, разговараа за актуелни прашања за процесот за членство на нашата земја во НАТО.

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев и членовите на владината делегација во која беа Заменик претседателката на владата и министерката за одбрана Радмила Шекеринска, заменик претседателот во владата задолжен за европски прашања Бујар Османи, заменик претседателот во владата и министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерот за надворешни работи Никола Димитров, министерката за правда Рената Дескоска, министерот за финансии Драган Тевдовски, министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, Националниот координатор за НАТО Стево Пендаровски, како и други членови во министерствата во Владата на РМ, го запознаа Генералниот секретар на НАТО Столтенберг со текот на активностите што треба да го забрзаат процесот на нашето зачленување во алијансата како што се формирањето на Комитетот за интеграција во НАТО и Работниот комитет за интеграција во НАТО. 

Во изјавата за медиумите на заедничката прес конференција, премиерот Заев се заблагодари за посетата и му оддаде признание на Генералниот секретар на НАТО Столтенберг за неговиот несебичен и посветен личен ангажман во промовирањето на партнерството и соработката меѓу НАТО и Република Македонија.

„Граѓаните на нашата земја засекогаш ќе запаметат дека поканата за НАТО, како историска одлука за иднината на нашата земја и на нашите граѓани, ја потпиша лично тој, нашиот пријател Јенс Столтенберг на 12 јули оваа година во Брисел. Со овој голем гест, НАТО го поттикна и го забрза процесот на интеграцијата на Република Македонија во НАТО, и со тоа го зајакна чувството за припадност на нашата земја кон најмоќната безбедносна организација во светот“, нагласи премиерот Заев.

Претседателот на Владата на РМ Заев додаде дека, дополнително, поканата влијаеше позитивно за внатрешната кохезија во нашето општество и ја промовираше Република Македонија како пример во Западен Балкан, придонесувајќи за регионалниот просперитет.

Премиерот Заев потенцираше дека процесот на планирање на завршницата од нашето пристапување кон полноправно членство во НАТО е веќе започнат, и дека силната поддршка што доаѓа од страна на НАТО е од големо значење за нас, за навремено и успешно завршување на реформскиот процес.

„Референдумот на 30 септември ќе биде уште еден важен предизвик. Ние сме на историски крстопат за нашата иднина. Убеден сум дека граѓаните ќе ја препознаат важноста на моментот за перспективите на нашата земја. Во таа насока, очекувам дека релевантните политички партии, особено опозицијата, ќе покажат единство и дека ќе се вклучат во процесите. Интеграцијата во ЕУ и НАТО се наши национални стратешки приоритети“, рече премиерот Заев, и додаде дека е убеден дека референдумот ќе биде успешен и дека потоа ќе можат да следуваат уставните измени. 

„Очекувам процесот да го завршиме навреме, за да може Протоколот за пристапување во НАТО да биде потпишан на почетокот од 2019 година, и да можат земјите членки во НАТО да го започнат процесот на ратификација, за да го заземеме заслуженото место во НАТО, и целосно да го споделуваме товарот и одговорностите во Алијансата“, нагласи премиерот Заев, и додаде дека резултатите од анкетите на јавното мислење охрабруваат, и дека граѓаните на Република Македонија сакаат да се реши спорот за името и земјата да се придвижи кон ЕУ и НАТО. 75-80% го поддржуваат членството во ЕУ и НАТО. 

Од своја страна Генералниот секретар на НАТО Столтенберг на заедничката прес конференција истакна дека портите на НАТО се отворени и дека одлуката на народот на Република Македонија на референдумот зависи дали земјата ќе зачекори во алијансата.

Генералниот секретар Столтенберг потенцираше дека граѓаните на Република Македонија треба да имаат предвид кога ќе го изберат својот одговор на референдумот дека одлучуваат земјата да стане земја членка на сојуз од 29 други земји кои ќе го гарантираат мирот и стабилноста на граѓаните, и да биде партнер на заедница од земји со повеќе од една милијарда жители.

„Ве чекаме во НАТО“, порача на македонски јазик Генералниот секретар Столтенберг на заедничката прес-конференција со Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев.  


Одлуката на референдумот ќе ѝ го обезбеди местото на Република Македонија во најмоќната безбедносна организација во светот
 

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев и Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, денеска одржаа заедничка прес конфренција на која информираа за заедничките активности во рамките на официјалната посета на Генералниот Секретар на НАТО Столтенберг и на делегацијата на алијансата што го придружуваше.

Во прилог на ова соопштение за јавноста е изјавата за медиумите на Претседателот на Владата на РМ Зоран Заев, која ви ја пренесуваме во целост:

Дозволете ми пред сè да ја изразам мојата огромна благодарност за несебичниот и посветен личен ангажман на Генералниот Секретар Столтенберг во промовирањето на партнерството и соработката меѓу НАТО и Република Македонија.

Граѓаните на нашата земја засекогаш ќе запаметат дека поканата за НАТО, како историска одлука за иднината на нашата земја и на нашите граѓани, ја потпиша лично тој, нашиот пријател Јенс Столтенберг на 12 јули оваа година во Брисел. 

Со овој голем гест, НАТО го поттикна и го забрза процесот на интеграцијата на Република Македонија во НАТО, и со тоа го зајакна чувството за припадност на нашата земја кон најмоќната безбедносна организација во светот.

Тоа апсолутно ја афирмираше грижата за безбедноста и стабилноста на нашата земја. Дополнително, поканата влијаеше позитивно за внатрешната кохезија во нашето општество и ја промовираше Република Македонија како пример во Западен Балкан, придонесувајќи за регионалниот просперитет.

Покажавме дека силното лидерство и визија за иднината создаваат одлични резултати. Среќен сум што овој пристап беше препознаен од моите колеги од Бугарија и од Грција. 

Нашето ново силно партнерство постигнато со договорите со овие наши соседи, директно ја зајакнува регионалната безбедност и стабилност.

На домашен план, Владата презема активности за исполнување на целите од Планот за пристапување во НАТО:

На највисоко политичко ниво, формиран е Комитет за интеграција во НАТО, кој ќе го раководам јас, и со кој ќе ко-претседаваат на Заменик претседателката на Владата и министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, Заменик претседателот задолжен за европски прашања Османи, и министерот за надворешни работи Димитров.

На работно ниво, го формиравме Работниот комитет за интеграција во НАТО, кој го раководи Националниот координатор за НАТО интеграции, господинот Стево Пендаровски.

Процесот на планирање е веќе започнат. Подготвуваме план за имплементација на реформите во согласност со Индикативната програма на НАТО за продолжување на реформите.

Како што е познато, посебен акцент ќе биде посветен на владеењето на правото, судските реформи, борбата против корупцијата и организираниот криминал, реформите во одбранбениот сектор и реформите на безбедносните служби. 

Силната поддршка што доаѓа од страна на НАТО е од големо значење за нас, за навремено и успешно завршување на реформскиот процес.

Референдумот на 30 септември ќе биде уште еден важен предизвик. 

Ние сме на историски крстопат за нашата иднина. Убеден сум дека граѓаните ќе ја препознаат важноста на моментот за перспективите на нашата земја. 

Во таа насока, очекувам дека релевантните политички партии, особено опозицијата, ќе покажат единство и дека ќе се вклучат во процесите. Интеграцијата во ЕУ и НАТО се наши национални стратешки приоритети. Тие беа заеднички едногласно поставени пред 25 години. Неодамна повторно беа едногласно реафирмирани во Парламентот, на 19 јули 2018 година, со новата Декларација за поддршка на процесот на пристапување во НАТО.

Спроведуваме кампања за референдумот базирана на принципите на објективност, транспарентност и рационалност. Нашата цел е да ги информираме граѓаните за придобивките од приемот на Република Македонија во Европската унија и во НАТО, како и за важноста за постигнување конечен договор за решавање на македонско-грчкиот спор за името.

Со гласање на референдумот граѓаните ќе го остварат своето право да учествуваат во донесувањето одлуки. Убеден сум дека референдумот ќе биде успешен и дека по тоа ќе можеме да продолжиме со уставните измени без одложувања. 

Очекувам процесот да го завршиме навреме, за да може Протоколот за пристапување во НАТО да биде потпишан на почетокот од 2019 година, и да можат земјите членки во НАТО да го започнат процесот на ратификација. 

Со нетрпение очекуваме да го заземеме заслуженото место во НАТО, и целосно да го споделуваме товарот и одговорностите во Алијансата.

Резултатите од анкетите на јавното мислење охрабруваат. Нашите граѓани сакаат да се реши спорот за името и земјата да се придвижи кон ЕУ и НАТО. 75-80% го поддржуваат членството во ЕУ и НАТО. 

Ова дава оптимизам дека сме на вистинскиот пат.

На крајот уште еднаш, сакам лично да Ви се заблагодарам Јенс. Упатувам благодарност и до вашиот тим и до тимот на локалната канцеларија на НАТО во Скопје, за доследната и цврста поддршка за нашето членство во НАТО. 

Со нетрпение го очекуваме моментот кога ќе можеме, како рамноправен партнер во НАТО, да бидеме во алијансата која беше столб на мирот и безбедноста во изминатите седум децении, со што обезбеди развој и просперитет на евроатлантскиот регион.

Ви благодарам.