29/03/2024
Македонија

Премиерот Заев на промоција на ТОП 100 најуспешни компании на СКСЗМ

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев денеска имаше свое обраќање на промоцијата на ТОП 100 најуспешни компании на Стопанската комора на северо-западна Македонија.

На овој настан беа доделени и награди за ТОП 5 најуспешните компании на Стопанската комора на северо-западна Македонија, меѓу кои три од најуспешните се производствени компании, кои учествуваат во вкупниот раст на индустриското производство. Изборот на производствени компании во 5 најуспешни треба да биде мотив и за другите производствени компании да ги остваруваат своите развојни цели и е потврда за добрата деловна бизнис клима.  

Во продолжение на ова соопштение ви го пренесуваме во целост говорот на претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев.

„Стопанската комора на Северо-западна Македонија 13 години остварува важна општествена улога како значаен нераскинлив дел од бизнис ткивото на Република Македонија и легитимен претставник на интересите на бизнис заедницата кој активно партиципира во креирањето на деловната бизнис клима и во економските политики на државата.

Ми претставува задоволство да присуствувам на овој настан на кој ќе избереме најуспешни 100 компании за изминатата година.

Околу 1800 компании членки го препознаа големиот потенцијал на Стопанската комора на Северо-западна Македонија да влијае и да делува во општеството во интерес на бизнис заедницата за подобрување на условите за деловно работење, јакнење на приватниот сектор и раст на бизнисите.

Во процесот на креирање на економските политики на Владата на Република Македонија Стопанската комора на Северо-западна Македонија презема активна улога во рамките на јавно – приватниот дијалог којшто Владата го отвори со стопанските комори за градење на стабилна и плодна соработка со бизнис секторот.

Во чест на плодната соработка Владата на Република Македонија излезе во пресрет и одговори на барањата на бизнис заедницата за намалување на драконските ригорозни казни кои во минатото се злоупотребуваа за затворање и уништување на фирмите и уцени. Казните ќе бидат отсега натаму правични и сразмерни, ќе се направи градација помеѓу мали, средни и големи претпријатија, целта е да се поттикнат правичност и почитување на законите. Казните за малите и средни претпријатија ќе се намалат дури за 60%. 

Малите фирми ќе плаќаат пониски казни во однос на поголемите компании.

За фирмите, при одмерување на глобата ќе се води сметка за приходот остварен во претходната година, бројот на вработени и претходни санкционирања за исти или слични прекршоци.

За малите фирми според новиот закон минималната глоба ќе биде 50 евра, а максималната глоба ќе изнесува 2000 евра. За споредба само, во стариот закон максималната глоба изнесуваше 5000 евра – што значи глобите за малите фирми се намалуваат за 60%. 

Но она што за компаниите е важно и треба да го знаат е дека столб на казнената политика ќе биде превенцијата. Опомена пред да има казна.

Инспекциските служби редовно и навремено преку едукативен пристап и возобновена соработка со компаниите ќе вршат темелна и правична контрола и надзор на работењето. 

Целта е казните да бидат вистински коректив во работата на претпријатијата и да поттикнат нивно успешно, законско и секако најважно рентабилно работење.

За следната 2019 година во Буџетот предвидовме за 37% повеќе средства како поддршка на бизнисите преку Планот за економски раст или вкупно 4.1 милијарда денари. Овие средства почитувани деловни луѓе ви стојат на располагање за нови инвестиции што сте ги направиле, нови вработувања, инвестиции во машини и опрема, исплата на повисоки плати, зголемување на извозот и на вашите производствени капацитети, за воведување на нови производи и производни линии.

Критериумите се транспарентни и еднакви за сите и за странските и за домашните инвеститори. Ве повикувам оваа година во уште поголем број од оваа што ја завршуваме да се јавувате да аплицирате за овие средства. 

Владата на Република Македонија го поддржува и го следи успехот на компаниите. 

Почитувани,
Успешни деловни претпријатија кои генерираат профит, нови знаења и вредности, кои ја исполнуваат својата општествено одговорна улога и ги почитуваат законите се најважен сегмент за развојот на општеството.

Државата низ взаемен дијалог со бизнис заедницата мора да создаде поволен амбиент и клима за компаниите да можат да ги реализираат своите развојни цели.

Со реализацијата на нивните развојни цели расте и се развива нашата земја.

Како признание за таа важна општествена улога што ја имаат компаниите, Стопанската комора на Северо-западна Македонија секоја година традиционално ги избира своите ТОП 100 најуспешни компании.

Овие 100 успешни компании членки на Стопанската комора на Северо-западна Македонија отвораат нови работи места за нашите граѓани, пласираат свои производи и услуги на нашите пазари но и во странство, ја исполнуваат својата улога на општествено одговорни компании и учествуваат во севкупниот економски раст и развој на државата. 

За голема почит се постигнатите резултати за 2017 година, годишен обрт од 661 милиони евра, постојан пораст на вработените кој во 2018 пораснал на 6332, а за поздравување е и фактот дека шест компании во 2017 година имале за над 1 милион евра повеќе инвестиции во споредба со претходната година.

Успехот на компаниите е заеднички успех на Република Македонија. 

Низ партнерство и соработка со Стопанската комора на Северо-западна Македонија продолжуваме да ја унапредуваме бизнис климата и да градиме развојни правци за економски напредок на нашето општество. 

На самиот крај дозволете ми на компаниите добитнички на признанието ТОП 100 да им честитам и да им посакам уште поголеми успех во нивната понатамошна работа!“