29/03/2024
Македонија

Премиерот Заев на седницата во Парламентот за Предлогот за пристапување кон измена на Уставот

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, во Собранието на Република Македонија, го образложи Прелогот за пристапување кон Уставот на Република Македонија.

Во обраќањето до пратениците од власта и опозицијата, на парламентарната седница којашто е во тек, премиерот Заев повика на помирување помеѓу пратениците од власта и опозицијата, по настаните од 27 април 2017 година и повика на реализирање на важната историска улога на пратениците за обезбедувањето евро-атлантска иднина на Македонија, според мнозинската волја на граѓаните.

Премиерот Заев во обраќањето рече:

„Ретки се генерации на кои историјата им дава шанса да се издигнат над секојдневието, над просекот и да се стекнат со привилегијата да бидат запишани во историските мемоари.

Ретки се генерациите кои имаат шанса да бидат запаметени од сите следни генерации.

Кога таква шанса се става пред вас, тоа е моментот кога знаете дека треба да ја зграпчите со целата одговорност и да донесете одлука – историска одлука.

Тежината на историската одлука и на одговорноста лежи врз плеќите на сите нас, почитувани пратеници, но од денеска – најголемата одговорност е во вашите раце.

Одлуката треба да биде резултат на изборот, а изборот не може да биде појасен и почист.

Секој пратеник денеска го има во рацете клучот за тој избор, клучот за историската одлука.

Тоа е вашиот глас, вашиот избор.

Почитувани пратеници,

Ги повикувам оние кои сѐ уште се сомневаат кој е вистинскиот избор, или ако мислат дека треба да се определат за оној другиот избор, ако воопшто изолацијата и неизвесноста можат да бидат избор – ги повикувам тие што се двоумат, да мислат и размислуваат, оти нема повредно нешто за мислење.

Погледнете во иднината, во иднината на оваа и иднината на генерациите на вашите деца и внуци.

Да, вие го имате правото и на другиот глас, другиот избор.

Но, тоа е избор што ќе нѐ фрли во изолација и неизвесна иднина за којашто никој не може да каже кога ќе заврши, избор којшто ќе ни донесе несигурност и сиромаштија и што ќе ни ги врати назад и со уште поголема жестина политичките трауми што ги доживеавме сите години независност, посебно последните години.

Прашајте се дали е тоа вашиот избор, дали е тоа иднината што си ја посакувате вие, иднината за вашите деца и за вашите внуци, иднината за сите идни генерации, иднината за нашата земја.

Од другата страна, вистинскиот избор е гласот за промени, гласот за европската иднина на Република Македонија е глас што ќе ја однесе напред Република Македонија во полноправно членство во НАТО. Глас којшто ќе нè постави на патот кон приклучување кон европското семејство на нации во Европската Унија.

Сега треба да одлучите дали многу ќе добиеме или многу ќе изгубиме. Сите ние, сите наши граѓани, сите вие, сите ваши деца – сите ќе добијат многу, а Македонија ќе тргне напред, тоа добро го знаете.

Да, почитувани пратеници: Јас сум убеден дека тоа е изборот на секој од вас.

И тоа е изборот што треба да го направите.

Ништо друго.

Јас сум убеден дека денес ниту еден од вас не би го заменил своето место со други луѓе или со која било друга генерација. Никој не би избегал од оваа, од Бога дадена задача и одговорност.

Вие сте таа генерација која со вашата одлука овде, во домот на македонската демократија, во домот на нашата државност, треба да направи државнички избор – секој од вас.

Сега е време енергијата, вербата, посветеноста што ги носите со себе да бидат искрата што ќе ја осветли иднината на нашата земја.

Почитувани пратеници,

Нека биде ова ден којшто ќе биде запаметен по тоа што сме ги оставиле политичките разлики и делби надвор од овој Дом на демократијата.

Нека биде ова ден кога секој пратеник е тука заради она што ни е заеднички интерес, заради најважните нешта коишто се поголеми и поважни од сите нас, а сите `не обединуваат.

Ова е време кога сите пратеници, кои се избрани од граѓаните, имаат обврска да ја извршат својата света должност за земјата и да ја следат волјата на народот – ја знаете добро волјата на народот – волјата на народот е подобар живот за секого, за секое дете, волјата на народот е напредна Mакедонија!

Време е да ги тргнеме настрана партиските политички игри и да го издигнеме пред нас нашиот заеднички национален интерес“, повика премиерот Заев.

Претседателот на Владата, Заев дополни:

„Ако некој во политичките партии не е подготвен на овој чекор и со тоа да излезе од темната сенка на сопственото минато, го повикувам секој пратеник да го направи единствениот јасен, логичен и одговорен избор за нашата иднина.

Имате шанса да докажете дека сте подготвени да ја преземете одговорноста и дека вашиот главен интерес е иднината на нашата земја“ посочи премиерот Заев.

Претседателот на Владата, Заев рече дека „НАТО и ЕУ се ретка и единствена работа што сите `не обединува, политички, етнички, религиски“. Тој дополни дека „многу се поделивме, се закрвавивме, заради однесување на поединци“, дека ни е поделено општеството, до семејствата и порача „да им кажеме стоп на поделбите“.

Премиерот Заев укажа дека „заедничка ни е Македонија, но и иднината“, дека „кулминација беше 27 април“, но и дека „еве прилика да си простиме, да покажеме дека учиме од грешките“.

Тој исто така повика: „Ајде да почнеме од 27 април“. Премиерот Заев потсети дека на тој ден прва мета беше тој, а потоа и пратениците од парламентарното мнозинството.

„Застанувајки заедно зад Македонија сега, е прилика да си простиме и да се помириме. Потребни сме и на државата. Десната страна да подаде рака на левата левата страна, левата на десната страна. Испраќам порака на помирување за настаните на 27 април“, рече премиерот Заев.

Претседателот на Владата, Заев дополни дека тоа има цена, политичка, дека политичари заминуваат, но дека „народот нема да ни се помири, ако ние не се помириме заради иднината, стратешките цели на државата, нашиот народ“ и затоа „да се издигнеме над предрасудите“.

Премиерот Заев посочи дека пратениците се должни да ја преземат одговорноста.

„Вашата историска одлука ја очекуваат сите граѓани на Република Македонија, но и светот.

Ајде да му покажеме на светот, дека покрај сите наши домашни политички недоразбирања и конфликти, имаме и заеднички интерес,иднината на нашата земја“, повика премиерот Заев.

Претседателот на Владата, Заев, порача дека „Владата е подготвена да биде максимално отворена за предлози од опозицијата, за амандманите и за прифаќање амандмани коишто ги намалуваат грижите на пратениците, а во исто време не се противат на духот на Договорот од Преспа“.

Тој ги повика пратениците да погледнат во нивните срца.

„Ајде да речеме Да на можноста пред нас. Историјата ќе ја памети вашата одлука“, рече премиерот Заев.

Претседателот на Владата, Заев упати повик и до секој пратеник поединечно „да одлучи по своја слободна волја“ и апелираше пратениците да ја извршат својата должност и обврска и да донесат одлука според сопствено уверување.

Тој дополни дека пратениците знаат дека не само што што не може да има подобар Договор, туку не може ни да има друг договор и дека „оваа шанса не смееме да ја пропуштиме, затоа што сите сме за ЕУ и НАТО“.

„Да го исполниме тоа очекување.

Историјата ќе запише уште дека таа одлука ја внесе нашата земја во нова ера – ера на мир, сигурност, стабилност и економски просперитет.

Бидете креатори и историски носители на одлуката за подобар живот на сите граѓани на Република Македонија и сите идни генерации“, рече премиерот Зоран Заев во обраќањето пред пратениците на седницата во Парламентот, на којашто на дневен ред е Предлогот за пристапување кон измена на Уставот на Република Македонија.