28/03/2024
Македонија

Премиерот Заев пристигна во Тирана на Состанокот за унапредување на соработката на земјите од Западен Балкан

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев денеска пристигна во Тирана, Република Албанија, на Состанокот за унапредување на соработката на земјите од Западен Балкан.

На оваа трета сесија од серијата состаноци, после Нови Сад и Охрид, покрај домаќинот, премиерот на Албанија Еди Рама, ќе учествуваат премиерот Зоран Заев и претседателот на Србија Александар Вучиќ.

На аеродромот во Тирана премиерот Заев го пречека министерот за земјоделство и рурален развој во албанската влада, Бледи Чучи, а првата, неформална средба, лидерите ја одржаа доцна попладнево.

Претседателот на Владата на Северна Македонија Зоран Заев, заедно со останатите лидери, вечерва ќе го проследат концертот „Никогаш нема да бидеш сам/а“, како донаторски настан за реконструкција на штетите од земјотресот од 26 ноември оваа година, што го погоди градот Драч и други населени места во Албанија.

Централните активности започнуваат утре со работната сесија на лидерите на земјите од Западен Балкан на состанокот во Тирана, по што ќе следува и пленарната сесија на која учество ќе земат и претставниците на политичките и финансиските институции на ЕУ, од Светска Банка, од Советот за регионална соработка (RCC), како и претставници на Стејт Департментот на Соединетите Американски Држави.

За заклучоците од оваа сесија на иницијативата за унапредување на соработката на Западен Балкан, лидерите ќе информираат на прес конференцијата во недела која ќе се одржи како завршница на средбата.   

Како дел од програмата, учесниците на состанокот во Тирана ќе го посетат Драч како израз на поддршка на граѓаните кои беа погодени од трагичните последици на земјотресот.

Премиерот Заев, посетата на Тирана ќе ја искористи да ја поздрави работата на Конференцијата „75 години образование на мајчин македонски јазик во Албанија“ на која е поканет заедно со премиерот на Албанија, Еди Рама.