29/03/2024
Македонија

Премиерот Заев упати честитка по повод празникот Свети Климент Охридски

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев по повод 8ми Декември, празникот Свети Климент Охридски, упати честитка до граѓаните кои го слават името и делото на големиот просветител и духовник. Честитката ја пренесуваме во целост:

„Во мое лично име и во името на Владата на Република Македонија, на сите православни верници, на Синодот на МПЦ-ОА и на сите граѓани кои го слават делото Климентово, упатувам честитки по повод големиот христијански празник – Св. Климент Охридски со желби за радосен и благословен празничен викенд.

Свети Климент Охридски основоположник на македонската црковна и народна духовност, и патрон на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, бил еден од најблиските и најревносните соработници и соучесници во мисијата на светите Кирил и Методиј во Моравија за описменување на народот.

Инспирираат страдањата што ги поднел во својот подвиг, зашто го водела вербата во доброто што го правел и останал доследен на обврската што ја чувствувал како човек, да го продолжи делото на неговите учители, преку продлабочување и унапредување на словенската просвета.

Сите генерации после него, и идните што доаѓаат, имаат пред себе пример за духовник кој применувал богослужба и создавал словенски свештенички кадар, затоа што бил свесен за важноста на духовната поткрепа на луѓето, кои тогаш ја наоѓале во Црквата.

Свети Климент останува жив паметник во историјата како основач на Охридската школа, честопати именувана како „првиот балкански и европски универзитет“, низ којашто минале околу 3.500 ученици. Бројот е импозантен и за денешните времиња.

Повикани сме да му ја оддадеме должната почест на Свети Климент Охридски за неговото големо духовно – просветителско дело со кое нѐ задолжи сите и ни покажа како “на дело“ се станува и духовник и просветител.

Како што успеал Свети Климент во мисијата на неговото време, повикани сме и ние да се обидеме и да успееме во надминувањето на предизвиците трпеливо и мудро, како што ни доликува, заштитувајќи ги вредностите што не обединуваат како граѓани, како народ и како држава.”