20/04/2024
Македонија

Премиерот Заев: 21-вата Тортијада сведочи дека се можни искрени и верни пријателства, со грижа едни за други ќе продолжиме да си помагаме и поддржуваме

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев присуствуваше и го означи отворањето на 21-вата Тортијада, настан што го организира Здружението на лица со телесен инвалидитет Мобилност од Струмица. На настанот свои обраќања имаа и градоначалникот на општина Струмица, Коста Јаневски и Претседателот на Здружението на лица со телесен инвалидитет Мобилност Македонија, Бранимир Јовановски.

Премиерот Заев во своето обраќање истакна:

Драги мои долгогодишни другари и пријатели,

Оваа традиционална манифестација, што се одржува 21-на година до денес, носи преубави торти пред нас. Но, оваа Тортијада сведочи и дека се можни искрени и верни пријателства, што со години ги негуваме ниe, со другарување помеѓу нас и грижа едни за други.

Кој каде и да е, на Тортијадата тука сте, така ли е? Тоа го покажува искуството зад нас. Еве јас 15 години непрекинато постојано сум на Тортијада.

Ова наше пријателство е и силна порака до целото општество, дека цврсти пријателства се можни, ако ги градиме со разбирање едни за други, со топлина и со љубов.

Почитувани организатори од Мобилност – Струмица,

Почитуван претседателе на организацијата Мобилност Македонија, Бранимир Јовановски,

Почитувани членови на извршните тела на Мобилност Македонија,

Почитуван градоначалник на општина Струмица, Коста Јаневски, советници, почитуван Претседател на Советот, претставници на други општини,

Драги присутни и гости,

Еве овде гледам и дечиња меѓу нас кои се наши гости. Сакам да ги поздравам децата најмногу, тие се нашата иднина.

Овде од Банско, уште пред многу години си ветивме дека ќе си помагаме и ќе се поддржуваме, затоа што само среќа околу нас значи и среќа во секој од нас.

За првпат оваа година Владата донесе програма за персонална асистенција на лица со попреченост, целосно финансирана од буџетски средства. Целта е независно и самостојно живеење на лицата со попреченост и нивно активно и рамноправно учество во заедницата. Полесно е вака, и ред е државата да се грижи за квалитетен живот подеднакво за секој граѓанин.

Ова е навистина прекрасна традиција и секако нема да зборувам за тоа што ние имаме како Влада работено за да го помогнеме животот на лицата со попреченост. Тоа јас и Бранимир од среда натаму ќе продолжиме да го работиме, но секако и Министерството за труд и социјална политика коешто целосно е фокусирано на оваа работа.

Сакам да ја искористам приликата да се заблагодарам на сите кои ги подготвија овие убави торти. Оваа наша Македонија има прекрасни креативни луѓе, кои заслужуваат да живеат во модерна и европска Македонија, уживајќи ги сите придобивки и права на тој развиен свет. Ама и ние имаме што да и понудиме на Европа, една богата, разнолика традиција на култури и вредности. И бидете уверени, се движиме кон Европа, ќе ја споделиме и оваа Тортијада со Европа. И ќе се живее европски конечно во нашата Македонија.

Сакам на крајот да ви посакам да уживате во настанот, Комисијата, како и секогаш, фер и објективно нека ги даде оценките.

Секако да ви се заблагодарам на сите што ми ја давате можноста да бидам ваш другар, да бидам заедно со вас како што тоа го правам 15 години, така и денеска и да ја искористам приликата да ја прогласам 21-вата Тортијада за отворена!