29/03/2024
Македонија

Премиерот и министрите направиле три пати помалку службени трошоци во вторите шест месеци, споредено со трошењата на претходната Влада

Владата на Република Македонија ја дополни Алатката за отчетност која е достапна на веб-страницата: vlada.mk/otchetnost-troshoci

Од денеска на јавноста ѝ се достапни личните службени трошоци на носителите на јавни функции за периодите: декември 2017 – мај 2018 и декември 2014 – мај 2015 година, со можност за споредби меѓу различните функционери, институции и периоди. 

Според достапните податоци во алатката, за над 65 проценти се намалени службените трошоци на актуелната Влада во вторите шест месеци од нејзиното работење, во однос на првите шест месеци.

Дополнително, споредено со претходната, оваа Влада реализирала три пати помалку пари на граѓаните за лични службени трошоци за периодот декември 2017 – мај 2018 или поточно 15.081.921 денари, во однос на 48.504.457 денари потрошени од претходната влада, за период декември 2014 – мај 2015. 

За првите 12 месеци од работата на оваа Влада според податоците во  Алатката јавните функционери потрошиле 37 милиони денари, во споредба со 94 милиони денари на претходната влада, односно два и пол пати помалку. 

Транспарентноста на Владата на Република Македонија дава резултати на штедење и домаќинско работење. Заштеди има во сите типови трошоци, а посебно во угостителските услуги каде има скоро двојно помалку трошоци односно 6.352.591 денари, во споредба со 11.000.030 денари за периодот јуни – ноември 2017. 

За споредба, вкупниот износ на угостителските услуги на компаративниот период декември 2014 – мај 2015 на претходната Влада е речиси четири пати поголем и изнесува 22.335.614 денари.

Алатката за отчетност на Владата беше промовирана во месец март оваа година, кога министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски ги презентираше и спореди трошењата на министрите на оваа и претходната влада за периодот јуни – ноември 2014 и јуни – ноември 2017.

Целта на алатката е да врши мониторинг врз трошењата и работата на носителите на јавни функции и да ги наметне и промовира вредностите за кои оваа Влада силно се залага, а тоа се: штедење на парите на граѓаните и домаќинско работење, како и транспарентност и отчетност пред граѓаните. Владата силно ќе продолжи и во иднина да се бори за овие вредности, преку различни алатки, мерки и политики.