28/03/2024
Македонија

Прес конференција на министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, одржа прес конференција по повод обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ, за годишните планови на институциите и новите вработувања во јавниот сектор.

„Во врска со обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ, за отстапувањето од законски пропишаниот рок за доставување на годишните планови за вработување, и прифаќањето на плановите доставени надвор од рок, МИОА информира дека претходната владејачка гарнитура предводена од ВМРО-ДПМНЕ, до предвидениот рок успеа да обезбеди годишни планови од само 149 институции. Само за потсетување рокот за доставување годишни планови за 2018та е 10 мај 2017 година, кога се уште ВМРО-ДПМНЕ беше на власт.

Имајќи ја во предвид оваа состојба, со промената на власта, МИОА, беше принудено да ја поправи направената штета и да дозволи останатите 1.150 институции да достават планови надвор од рокот.

Другата опција беше да се казнат 90% од институциите и да се остават без годишен план за вработување, поради неуспехот на ВМРО-ДПМНЕ да ги обезбеди навремено годишните планови“, појасна министерот Манчевски.

Во однос на шпекулациите со бројки на нови вработени во текот на 2018та година, министерот Манчевски информираше дека според последните бројки обезбедени од надлежните институции 2.359 лица се вработени на определено време, а 184 лица вработени на неопределено време. Или вкупно 2.543, наспроти 6.000 за кои обвинува ВМРО-ДПМНЕ.

„Времето на криење на информации и бројки за вработените во јавниот сектор заврши. Конечно опозицијата има пристап до сите информации како и сите останати граѓани, нешто што беше незамисливо кога СДСМ беше во опозиција. И покрај тоа, ВМРО-ДПМНЕ наоѓа начин да манипулира со јавноста и да ја извртува реалноста како нив им одговара. Партиските вработувања, притисоците врз јавната администрација, за што слушаме постојано изминатите денови како дел од судските процеси, завршија.

Вработените во јавната админситрација конечно работат согласно обврските предвидени на нивните работни позиции, а нови лица се вработуваат согласно потребите на институциите“, рече министерот Манчевски.

„Во контекст на изјавата дека МИОА ги отстрани критериумите за административните службеници, сакам да повторам уште еднаш дека тоа што со измените во Законот за административни службеници, се направи е да се намали финансискиот терет на кандидатите. Почетни трошоци по основ на полагање на психолошки тест и тест на интегриртет и сертификат за англиски беа најмалку 100 евра. Тестот за странски јазици останува, но сега не е на терет на апликантите.

За какви критериумите зборуваме, за психолошкиот тест и тест за интегритет кои ги издаваше една фирма, потврди на кои немаше ниту име и презиме на личноста која го извршила тестирањето. На истите нема ниту печат, ниту датум, ниту одговорно лице“, информираше министерот Манчевски.