16/04/2024
Македонија

Претседателот на Владата на Република Македонија се сретна со претставници на Меѓународниот комитет на Црвениот крст

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска се сретна со делегација на меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК) во состав Јелена Стијачиќ, шеф на регионалната делегација на Црвенот крст, Николас Флори, оперативен координатор за Европа и Централна Азија и Даниела Малијанска Митевска, претставник на МКЦК во Македонија. На средбата беше разговарано за состојбите во областа на човековите права и условите во затворите во земјава, како и третманот на затворениците.

На средбата, премиерот Заев истакна дека соработката со МКЦК е од посебна важност за реализирање на зацртаните реформи во одредени области во општеството.

„МКЦК има капацитети со кои не секогаш располага државната администрација, од причина што искуството и капацитетите на МКЦК се од меѓународни размери и градени врз волонтерство и поради тоа, соработката на институциите на Република Македонија со оваа меѓународна организација е од исклучителна важност да се продлабочи“, рече премиерот Заев на средбата.

Премиерот Заев потенцираше дека интензивирањето на постоечката соработка ќе придонесе кон изнаоѓање и имплементирање поодржливи решенија во решавањето на социјалните проблеми на социјално загрозените групи граѓани, како и пренесување на витални искуства на центрите за социјална работа од страна на МКЦК. Премиерот исто така потенцираше дека Владата веќе презема конкретни чекори за подобрување на условите на затворениците во затворите, преку инвестирање во реновирањето на македонските затвори, за што од голема помош, како што рече премиерот, биле и претходните извештаи од МКЦК и останати релевантни европски и светски организации.

Претставниците на МКЦК изразија задоволство што после долг и турбулентен период Република Македонија повторно е стабилна земја и посветена на подобрување на квалитетот на живот на своите граѓани. Претставниците на МКЦК во оваа прилика побараа од премиерот Заев, поддршка за олеснување на дел од процедурите за посета на затвореници од страна на претставниците на МКЦК, бидејќи во моментот за секоја посета мора да се добива дозвола од надлежен судија. За оваа тема, тие најавија и средба во широк состав со македонските судии на која ќе ги презентираат своите предлози и идеи за подобрување на македонскиот казнено-поправен систем, како и за условите во кои престојуваат затворениците базирани врз меѓународните искуства на МКЦК.