20/04/2024
Македонија

Реновирана полициската станица во Кичево – подобри услови за работа за полицијата, поголема безбедност за граѓаните

Министерот Оливер Спасовски и дел од раководството на МВР денеска ја посетија реновираната полициска станица во Кичево, објект што е реновиран со средства од Министерството со цел обезбедување подобри услови за работа за полициските службеници. Во овој објект инвестирани се 3.300.000 денари, а беше направена замена на врати и дрвени прозори со нови ПВЦ, е на фасадата, а извршени се и други молерофарбарски работи.

Министерот Спасовски во изјавата за медиумите потенцира дека она што го затекнал во МВР беа голем број запуштени и руинирани објекти, полициски службеници за кои цела деценија не беше набавена униформа, многу лоши услови за работа.

– Веднаш се зафативме за работа и еве, ги гледате резултатите. Од втората половина на 2017 година заклучно со денес, реконструиравме или саниравме вкупно 18 објекти, а само годинава таа бројка изнесува 11 објекти, за што беа издвоени околу 25 милиони денари. Притоа сите тие активности ги финансиравме од сопствени средства, односно од средства од буџетот на Министерството за внатрешни работи. Полициските службеници постојано во текот на оваа година добиваат нови униформи, ги реновираме објектите за да обезбедиме соодветни услови за работа, а од овој месец ја зголемивме и платата на полициските службеници. Се разбира, ние на ова нема да застанеме туку со овие активности продолжуваме и во текот на наредната година за кога планираме да вложиме нови 70 милиони денари за реновирање и реконструкција на објекти. Во 2019 година, меѓу другото, планираме активности за обновување на објектите на Полициските станици во Дебар, Кочани, Крива Паланка, Виница и многу други… Покрај ова, планираме интензивирање на активностите во делот на програмите за полициска обука, едукација и специјализација, ново зголемување на платите на вработените во МВР – рече министерот Спасовски.

На средбата со раководството на ПС Кичево се разговараше за безбедносната состојба на подрачјето на ПС Кичево, која е стабилна и имаме подобрување во многу сфери од работењето на полицијата. Особено е видливо зголемувањето на откривачката дејност.

Министерот Спасовски имаше работна средба и со градоначалникот на Кичево Фатмир Дехари.

– Со градоначалникот на Кичево разговаравме за меѓусебната соработка, за обновувањето на врската меѓу локалната заедница и полицијата. Многу важно за безбедноста е да има соработка, партнерски однос меѓу граѓаните и македонската полиција. За жал, таа нишка беше прекината во минатото, но денеска имаме многу заеднички иницијативи кои придонесуваат да ја обновиме таа соработка и притоа ја враќаме довербата на граѓаните во полицијата. Упатувам апел до граѓаните на Кичево да бидат партнери на полицијата. Разговаравме за прашања кои можеме заеднички да ги решиме, посебно во делот на сообраќајот и веќе детализираме и конкретни активности. Успешната соработка ќе ја продлабочуваме и во иднина – рече Спасовски.