29/03/2024
Македонија

Се подигнува степенот на подготвеност за превенција од и справување со евентуални заболени од корона вирусот

Комисијата за заразни болести донесе нови, зајакнати мерки за превенција од и справување со евентуални заболени, кои дополнително ќе бидат координирани на денешниот состанок со Центарот за управување со кризи (ЦУК) во Министерството за внатрешни работи, закажан за 17 часот.

Првичните заклучоци од состанокот на Комисијата за заразни болести се дека се засилува контролата на сите гранични премини и на двата аеродроми во земјата.

На граничните премини се отстапуваат посебни простории каде ќе бидат интервјуирани сите патници кои доаѓаат од ризичните дестинации и ќе се врши првичен скрининг на нивната здравствена состојба.

На Скопскиот аеродром, термалната камера се поставува на локација од која ќе се следат сите патници кои пристигнуваат, а не како досега само патниците од Дубаи и Истанбул. Со безконтактен пиштол за мерење на телесната температура ќе се прави скрининг на патниците кои ќе пристигнат на од ризични дестинации и на аеродромот во Охрид.

Доколку се јави потреба, Инфективната клиника во Штип ќе функционира како објект за изолација. 

Што се однесува до состојбата во Италија, според италијанските власто во моментов нема заболени македонски државјани од Корона вирусот. Според последните информации, потврдени се 159 случаи на заразени лица со коронавирус во Италија.

Министерството за надворешни работи препорачува зголемени мерки на претпазливост при патување во италијанските региони Ломбардија, Венето и Емилија-Ромања во овој период. Повеќе информации можете да добиете на travel.mfa.gov.mk.  

Во зафатените региони Ломбардија, Венето и Емилија-Ромања престојуваат околу 23,000 државјани на Република Северна Македонија. Подетални информации околу развојот на состојбите, тие можат да добијат во Генералниот конзулат во Венеција на дежурниот телефонски број +393895837913 или е-маил venice@mfa.gov.mk