20/04/2024
Македонија

Сочувство од Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов по повод смртта на г. Љубиша Георгиевски

Сочувство од Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов по повод смртта на г. Љубиша Георгиевски.

Почитувани,

Со голема тага ја примив веста за смртта на нашиот режисер, писател и професор Љубиша Георгиевски.

Иако немам соодветни зборови кои можат да ја опишат големината на загубата, дозволете во овие тажни мигови да изразам најискрено и најдлабоко сочувство на неговото семејство и на целата македонска јавност. Со смртта на Љубиша Георгиевски загубивме голем интелектуалец, уметник и патриот. Со своето уметничко дело остави неизбришлива трага во македонскиот театар и филм инаугурирајќи се во креативен и мислечки бард на македонската уметност и култура. Зад него останаа повеќе од 160 театарски претстави и неколку играни филмови кои ја издржаа критиката на времето. Љубиша Георгиевски со својата луцидност, творечка храброст и човечка доблест беше наша гордост и инспирација.

Во текот на исклучително богатата политичка и дипломатска кариера мошне одговорно и креативно ги одигра своите улоги на претседател на Собранието и амбасадор во Софија и во Белград каде ревносно ги бранеше државните интереси на Република Македонија. Како член на мојот Совет за меѓународни односи, тој даваше мудри совети и промислувања за клучните прашања за Република Македонија.

И преку својот уметнички и преку општествениот ангажман до крајот на својот живот, Георгиевски се бореше за македонската кауза останувајќи верен на своите вредности, ставови и убедувања.

Вечно ќе сме благодарни за сè што направи за Република Македонија и за наследството кое ни го остави и кое ќе остане патоказ и светлина за идните генерации.

Вечна му слава и нека почива во мир.